Во Клубот на пратениците почна лидерската средба на парламентарните партии со повеќе од еден пратеник на иницијатива од премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. На средбата треба да се надминат разликите меѓу владејачките партии и опозицијата за референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен, датумот за референдум и референдумското прашање, но и за екипирањето на ДИК
Прв пат лидерската е во ваков формат за како што рече Заев,заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци.
На средбата присуствуваат премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Христијан Мицкоски и Тања Каракамишева од ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.
Премиерот Заев денеска во Штип изјави дека на лидерската средба на маса ќе го стави референдумот, што согласно договорот со Грција треба да се спроведе наесен.
– Од лидерската средба очекувам да ја дефинираме темата референдум. Тоа значи да го определиме датумот за одржување на референдумот, да го дефинираме референдумското прашање, карактерот на референдумот, Државната изборна комисија и сето она што е поврзано со референдумот. Очекувам да се одважиме и да покажеме дека навистина сите сме за ЕУ и НАТО и дека сме за обезбедување на иднина на Македонија и на сите наши граѓани, рече премиерот. Порача да се испочитува тоа што граѓаните го очекуваат од партиите, а како што кажа, им е обврска и по Уставот и по законот и да се реализира она што како партии претходно се договориле.
И лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска изјави дека сите политички сили треба да изнајдат енергија и да ги доближат ставовите за целите кои се јавно познати, а се за реализација на договорот со Грција. Ахмети, која организираше прослава за најавата за членство во НАТО, додаде дека Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ и дека тоа ќе ни обезбеди мир, стабилност и економски просперитет.
ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека бара Пржинска влада.
Заев ја закажа лидерската средба откако, како што беше посочено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го блокираше процесот за избор на членови на ДИК, која треба да го организира референдумот за договорот за името со Грција. Владата вчера предложи, а Собранието ја изгласа потребата за носење на Изборен законик, по скратена постапка и со европско знаменце.
Со него се предвидува составот на ДИК да се гласа со 61 глас, а се брише и ставот 3 од членот 27, Комисијата за прашања на изборите и именувањата да не го разгледува предлогот. Измените финално треба да бидат донесени по заседанието на Комисијата за европски прашања, за која нејзиниот претседател Артан Груби кажа дека се уште не се знае кога ќе биде закажана. Сепак, и Владата и Собранието оставија простор измените на Изборниот законик да не бидат донесени доколку се постигне компромис со опозицијата на денешната лидерска средба.
Фото: Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.