Откако вчера во интервју за Нетпрес, премиерот Груевски го критикуваше Отецот Пимен, денес тој возврати со коментар на Фејсбук страната на Европската епархија на МПЦ.
„Животното искуство и мудроста стекната низ него нè учи да одговориме на сè, на нападите особено, но Христос нè учи да простиме, да го завртиме и другиот образ. Како човек да се именува Христијанин, ако не постапи согласно зборовите Христови? Порадо би останал со Христа, отколку со некоја замислена победа.
Еве, ја препуштам истата на оние кои уживаат во неа“ – напиша тој.
Груевски изјави дека „токму поради искуството на многумина дека човеков секој кажан збор го објавува по социјалните мрежи, одлучив да не бидам предмет на неговите општења со јавноста по Фејсбук и на медиумите за тоа кој што му рекол и што тој му одговорил, претпоставив дека и таа средба ќе биде дел од неговите наредни интервјуа, и Фејсбук комуникации, во смисла на неговите обиди да излезе од анонимност.“
– Мислам дека владиката Пимен меѓу другото имаше проблем што повеќе години е владика во синодот на МПЦ, а многу малку луѓе тоа го знаеја, и очигледно анонимноста го оптеретувала. Мислам дека на човекот му недостасуваше визибилност, пошироката јавноста да го запознае, па кога ја виде оваа шанса да го направи ова на наш грб, не се симна од медиумите под контрола на опозицијата цела недела. Којзнае колку бил среќен што конечно смислил причина некој да го даде на телевизија. Па дури почна да раскажува со кого што зборувал по кафичи. Несериозна работа. Не ми личеше ни на поп, ниту на владика, кога ги прераскажуваше кафански муабети на телевизија, кој во кафана што му кажал, и што во кафаната овој му одговорил. Но, негово право е тоа. И негов избор. – додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


