| четврток, 6 декември 2018 |

Затвореник од Идризово претепан од надзорник – останал траен инвалид

idrizovo-Small

„Синот остана без левиот бубрег и слезенка, а надзорникот од Идризово, кој брутално го претепа, доби само 6 месеци затвор“, реагираше таткото на Зухер Ибрахимов, јавува „Канал 5“.

Според семејството, Ибрахимов, кој издржувал затворска казна за кражби, со ништо не го предизвикал бесот на надзорникот кој наместо да го одржува редот и мирот во затворот, го претепал и го направил траен инвалид. Оштета ќе бара пред граѓански суд.

– За еден шамар се оди од 3 до 6 месеци, а не за вадење бубрег и слезенка и плус малтретирање со клоци, удиран, по лице имаше модринки. Бубрег и слезенка нема веќе. Јас не знам како судијката ја донесе таа пресуда – вели Демо Селим, татко на Зухер Ибрахимов.

– Ние ќе добиеме парично обесштетување, но јас не сум задоволен од казната. Здравствено не чини синот, а треба да се врати во КПД „Идризово“ – додава Селим.

Одбраната на надзорникот Сашо Павловски тврди дека тој постапувал според своите овластувања, а осудениот се движел во затворот на забрането место. Дал отпор и се спротивставил и затоа надзорникот морал да го совлада осуденикот, но не го удирал со клоци и тупаници, тврдат адвокатите.

– Како олеснителна околност судот го имаше вештачењето бидејќи таму се утврди дека тешката телесна повреда не настанала од боксови и клоци како што пишување во обвинението, туку настанала врз основа на борењето и туркањето меѓу обвинетиот и оштетениот, при кое туркање настанал заеднички пад – вели Љупчо Веселновски, адвокат на Павловски.

– Казната е реална и објективна на настанот што се случил – додава Веселиновски.

За нанесување тешки телесни повреди минимумот е една година затвор, но со употреба на институтот ублажување казна била донесена пониска пресуда, објаснуваат адвокатите.

Семејството на Ибрахимов, пак, вели дека нема да се помири со оваа пресуда, најавуваат протести за наредните денови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top