| четврток, 6 декември 2018 |

„Нормак“ и официјално концесионер на слободната економска зона во Тетово

„Нормак инвестмент груп“ и официјално е конзорциумот што ќе ја стопанисува и менаџира слободната економска зона во Тетово

Според министерот за економија Ваљон Сарачини, 30 дена од објавувањето на оваа, веќе донесена одлука, треба да се потпише договорот за јавно-приватно партнерство.

„Нормак“ се обврзува во првите три години да изгради 40 проценти од зоната, а за седум да ги реализира планираните активности во целост. Минималната капитална инвестиција е седум милиони евра, а предвидените дополнителни вложувања треба да достигнат 150 милиони евра.

– Официјализирањето на одлуката за стопанисување со „ТИРЗ – Тетово“ е од особено значење не само за развој на полошкиот регион, туку и за македонската економија воопшто. Тоа ќе овозможи отворање работни места и влез на нови технологии – истакна Сарачини.

Потенцијални инвеститори веќе има. Пет до седум компании се веќе подготвени да инвестираат. Со дел од нив разговарала државата, а со други директни контакти воспоставил и „Нормак“.

Подготовките во делот на инфраструктурата ќе почнат веднаш по што, според „Нормак“, ќе следува потпишувањето на договорите со заинтересираните вложувачи, разгледувањето на нивните деловни планови и обезбедувањето на потребните дозволи за градба.

– Ова ќе биде прва зона за чиешто развивање е  задолжен приватен партнер. Тој воедно ќе има обврска и за активно привлекување странски инвестиции што, исто така, паралелно, ќе продолжи да го прави и државата – истакна директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top