Уште две жртви се извлечени од местото на експлозијата на вагоните цистерни во малото гратче Лак-Межантик во канадската покраина Квебек. Во несреќата што се случи во близина на границата со американската сојузна држава Мејн, според официјалните податоци, бројот загинати се искачи на три, а уште стотина лица се водат како исчезнати.
-Припадниците на сигурносните служби открија уште две тела, со што бројот загинати се зголеми на три – посочува портпаролот на канадската полиција, Мајкл Бранет.
Според него полицијата нема целосни податоци за жртвите се додека трае пожарот и додека не биде обезбеден пристап до сите делови на возот. Неименуван извор од противпожарната служба претходно за локалните медиуми изјави дека има 80 исчезнати.
Возот излета вчераутро, а по излетувањето од шините експлодирале повеќето од 73-те вагони цистерни со кои се превезувал сирова нафта. Гратчето Лак-Межантик има околу шест илјади жители, а се наоѓа 250 километри источно од метрополата Монтреал.
Според сведоците во еден часот по полноќ во саботата по локално време, кога дошло до несреќата, центарот на гратчето бил преполн со луѓе коишто се забавувале. Пожарот се проширил и на паркираните возила од кои четири експлодирале, а уништени се 40-ина згради и куќи. Според информациите што канадските медиуми ги добиле од извори противпожарната служба кои сакале да останат анонимни, во барот сместен крај самата железничка пруга кој изгорел имало околу 50 луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.