| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Градиме општество со повисоки стандарди и вредности

Екстерното тестирање е неповратен процес. Тој само ќе се усовршува. Се враќаат вредносните системи кои почиваат на личен труд и знаење. Слично е и со плаќањето по учинок во здравството. Свесно си навлековме многу противници и со оваа реформа. Со верба дека градиме општество со повисоки стандарди и вредности. И кај дипломатите ги променивме некои нешта. Нема веќе дипломат без меѓународно призната диплома со точно утврден степен на знаење на англиски јазик и на други јазици. И измените на законот за абортус беа покачување на стандардите. Станува збор за правата на жената да ги има сите информации пред да ја донесе конечната одлука за абортус. Но, за жал ние како Влада не успеавме најсоодветно тоа да го искумуницираме со граѓаните. Новиот закон за правосуден испит е вистинско зголемување на стандардите и ставање ред и поредок во таа сфера, вели премиерот Никола Груевски во интервјуто за Нетпрес во кое зборува и за реформите со кои се гради општество со повисоки стандарди и вредности.

Во врска со екстерното тестирање, Груевски вели дека тоа е почеток на крајот на ерата во која царуваше неправично оценување.

–       Тој тренд започна во деведесетите заедно со транзицијата и новопечените богаташи, кои непосветеноста на развојот на децата сакаа да го компензираат и  купуваат со поправање на нивните оценки преку притисоци врз наставниците и професорите, кои пак притиснати од дел од ваквите родители, на крај решија за да им биде чиста совеста кон оние кои немаа таква моќ, на сите да им пишуваат високи оценки. Не велам дека се помина идеално во првата година на екстерното отценување, ниту пак дека тоа како систем е идеално, но е голем удар за транзициското слепило кое не води кон општество без знаење, без морал, без етика, без вистински вредности, не води кон навики дека се може да се заврши без знаење и труд, по заобиколен пат, со пари, со моќ, независно дали е таа финасиска, политичка, општествена…Екстерното тестирање е неповратен процес. Тој само ќе се усовршува. Се враќаат вредносните системи кои почиваат на личен труд и знаење, вели премиерот.

Според него, слична е ситуацијата и со реформите во здравството, односно со воведувањето на системот за плаќање по учинок.

–       Свесно си навлековме многу противници и со оваа реформа. Со верба дека градиме општество со повисоки стандарди и вредности.  И таа мерка има свои слабости. Нема идеален систем, посебно во здравството никаде во светот. Но има подобри и послаби. Се соочивме со жестоки критики и напади. Отпорот беше голем. Реформите бараат жртви, и ние сме свесни за тоа, но и во многу наврати покажавме спремност за тоа. Ама знаеме дека среднорочно позитивно ќе влијае на односот лекар пациент. Се менуваат и подигнуваат стандардите, се наградуваат најдобрите, се охрабруваат оние со послаб учинок да се подобрат. Не во која партија е, или кој му е близок, или на било кој начин клку е моќен, туку, колку помогнал на пациенти, и каков квалитет има, наспроти што и колку пациентите го посакуваат да им е лекар. Сега многу сме посветени на додатните обуки на лекарите. Нема добро здравство без постојано следење на светските трендови и учење, вели тој и додава:

–       Во секоја професија правило е дека кој сака да напредува, треба да знае дека цел живот мора да учи. Факултетот и постдипломските се само подготовка и учење како низ животот еден професионалец да напредува и да продолжи полесно да учи. Тоа е посебно важно во здравството. И министерот и јас договараме обуки насекаде низ светот. Тие веќе почнаа. Планот е секоја година по најмалку 500 медицински лица да одат на обуки за напредно знаење во странство, и да учат нови методи на работа. Годинава веќе околу 300 медицински лица заминаа за конкретни обуки. На почетокот имаше отпор и кон ова. Несфатливо, но имаше. Сега нема. Напротив, се повеќе расте конкурентноста кој каде и побрзо да отиде. Тоа ме радува. Се промени свеста. Имаше зачмаеност. Уседеност. Безволност. Сега во таа фела, веќе губиш на углед и на авторитет  ако не се доусовршуваш, затоа што другите го прават тоа. Тоа ќе не носи напред. И ние преземавме додатни мерки кои го стимулираа ова. На пример, освен што платата им тече додека се на обука, а таму се им е платено и плус добиваат некои екстра средства, предвидовме во законот одреден број месеци медицинското лице да прима поголема плата ако отиде на некоја обука и се усоврши за некоја нова метода на лекување. Почна да функционира и она што го ветивме на изборите: двојната плата за 100-те лекари со најголем учинок.

Во однос на дипломатите и дипломатијата, Груевски вели дека владата се ориентирала кон економска дипломатија.

–       И кај дипломатите ги променивме некои нешта. Нема веќе дипломат без меѓународно призната диплома со точно утврден степен на знаење на англиски јазик и на други јазици. Нема веќе докажување дека некој знае странски јазик со диплома од соседната улица, или со лично кажување дека знае. Ниту пак е доволно ако некој знае јазици да стане дипломат. Дипломатите не се преведувачи, знаењето странски јазик е само предуслов. Треба да има повеќе способности, вештини, знаења, искуства. Се ориентираме повеќе кон економска дипломатија. Со новиот закон се спречува и обично вработување во МНР без да се докажат преку различни тестирања способностите. Нема ни денгубење на вработените низ градските кафулиња во работно време, а тоа да не е регистрирано во учинокот. Среќен сум што овој закон од први јули, годинава, стапи на сила. Системски се следи работата на сите и сечиј учинок. Се е видливо. Министерот Поповски воведе дополнителни нови стандарди кои самиот ги практикувал и ги видел кога работеше во Европската Комисија, пред да биде ангажиран од нас. Од дипломатите и вработените во МНР се бара конкретен резултат, пред се економски за оние кои се надвор, а не голи фрази или фасада без содржина.

Премиерот смета дека и со законот за абортус се покачени стандардите.

– Станува збор за правата на жената да ги има сите информации пред да ја донесе конечната одлука за абортус. Но, за жал ние како Влада не успеавме најсоодветно тоа да го искомуницираме со граѓаните. Тоа беше наш пропуст, а во Парламентот и во дел од медиумите не начекаа на нож. Дури и некои наши коалициони партнери во Парламентот хистерично врескаа за да се прикажат како нечии заштитници, со цел да приграбат некој политички поен на наш грб, без предходно да го прочитаат и анализираат законот, без да дојдат на координацијата на пратеничката група за таму да се расчистат нејаснотиите. Излезе дека ние нешто лошо сакаме некому да направиме, а другите демек спасуваат ситуација. Некои недоволно упатени граѓани не разбраа како да сакаме да им се вмешаме во нивната интима, што апсолутно не е така. Невладините организации финасирани од Фондацијата „Отворено општество“ ова го видоа како шанса уште еднаш да ни се нафрлат сметајќи на слабата комуникација која ја имавме по овој закон и на неговата карктеристична чуствителност. Дента кога се утврдуваше дневниот ред на Собранието, кога дојдоа пред Парламентот да протестираат заедно со некои новинари, министерот за здравство ги покани да влезат внатре за да се разбереме. Одбија. Тоа говори се. И за искреноста во намерите и за политичката заднина на нивното делување. Всушност мислам дека и да го искомунициравме најдбро што може, оваа група на луѓе ќе постапеше повторно исто, вели Груевски.

Премиерот изразува поддршка и за новиот закон за правосуден испит кого го смета за вистинско зголемување на стандардите и ставање ред и поредок во таа сфера.

–       Меѓу останатото законот упатува и на тоа 40 отсто од прашањата на испитот, одговорите да се бараат во учебници од кои се учи на највисоко рангираните универзитети во светот. Јас би го ставил тој процент да е и повисок, но ова е добар почеток. Посебно добро е што со овој закон се елиминира секаква можност да се положи без знаење и учење. Се’ е компјутерски. Испитот се снима и во живо се пренесува на веб страната на министерството за правда, членовите на комисијата не смеат да се задржуваат до кандидатите, а прашањата за секој одделен кандидат ги избира компјутерот преку специјален софтвер, од пул од 2.000 прашња, кои претходно се објавени, и посочено е во која литература ги има одговорите на секое одделно прашање. И за вториот дел од испитот предвидена е одлична процедура. Убеден сум дека откако ќе се усвои и ќе почне да се применува овој закон, многу други земји ќе го превземат од нас. И овој закон не води кон општество на знаење и вештини и правда во однос на тоа кој знае да положи, кој незнае да не положи, и да нема заобиколен пат за доаѓање до диплома.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top