| четврток, 6 декември 2018 |

„Скопско лето“: Детската претстава „Поштенска бајка“ наместо в недела ќе се одигра во понеделник во ДТС

 Од Дирекцијата за култура и уметност соопштуваат дека е одложена озведбата на детската претстава „Поштенска бајка која во рамките на „Скопско лето“ требаше да се одигра на 1.07 (недела) во Детскиот театарски центар со почеток во 11 часот.

-Претставата ќе се одигра во понеделник (2.07) во 19 часот во истиот простор, соопштуваат од „Скопско лето“.

„ПОШТЕНСКА БАЈКА“ е дело на Карел Чапек, Адаптација и режија: Катја Петрова, Дизајн на кукли: Енес Деари, Сценографија: Крсте С. Џидров и Енес Деари, Музика: Светозар Георгиев, Играат: Деа Пајазити, Флакрон Алии, Елдин Широки, Ментор Курти.
-Како што има приказни за кралеви и принцови, за разбојници и волшебници, зошто да нема и бајки за поштенски раздавачи и поштенски џуџиња кои прередуваат, подредуваат писма, лепат марки и етикети и играат карти во слободното време. А кога се гладни си варат телеграфски ленти, наместо макарони
и наместо масло си ставаат лепило. А писмата се со поголема или помала вредност, во зависност од она што е напишано во нив. Постојат оние во кои луѓето лажат и се преправаат еден на друг. Има и други кои се пишуваат поради обврска, од немајкаде. Или оние кои сакаат да испорачаат радост некому, или писма – картички, кои разменуваат добри пријатели. Но најсилните се оние во кои човек го подарува сето свое срце, писма кои се напишани со љубов – кога мајка пишува на дете или некој пишува на друг, кого го сака повеќе од себеси. Има рамнодушни, студени, топли, врели писма.
Претставата “Поштенска бајка” ќе ни овозможи преку сказната и акумулираната театарска традиција, да се смееме на човечките грешки и да раскажеме за вистинско пријателство и љубов помеѓу двајца луѓе.
Додека се раскажува оваа забавна, тажна и многу смешна приказна, еден поштенски раздавач и неколку поштенски џуџиња ќе одат, ќе се распрашуваат и ќе научат многу нови работи за односот помеѓу луѓето и ќе поминат многу, многу километри…
Претставата е основана по расказот „Поштенска бајка“ од Карел Чапек. Писател со светско реноме, номиниран за Нобелова награда, чии книги добро ги познаваме.
Претставата се гради на принципот на забавна игра со замена на гледната точка, игра на отстапувањата и преку импровизација. Се користат генерализации и условен јазик на кукли и актерскиот коментар.
Овaа претстава е контрапункт на модерната технологија, без кои не можеме, но и кои влијаат во отуѓувањето и сè поголемото оддалечување на луѓето еден од друг. Заедно со компјутерите убаво е да ги зачуваме најдобрите традиции во комуникацијата. Пријателството и љубовта се важни морални категории кои е добро да ги сочуваме и да ги негуваме кај децата.
Претставата е за деца од над 5-годишна возраст, вели режисерката Катја Петрова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top