„Небесна пантомима“, најновата збирка поезија од Зоран Анчевски, излезе од печат во издание на Темплум. Книгата ќе биде промовирана во среда, 27. јуни 2018, во Музеј на Град Скопје со почеток од 20 часот.
Книгата ќе ја претстават писателките Оливера Ќорвезировска, која критички ќе се осврне на делото, и Магдалена Хорват, која ќе води неформален книжевен разговор со авторот и заедно со него ќе прочита и дел од песните.
Зоран Анчевски (р. 1954, Скопје) е значаен македонски поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Досега ги има објавено стихозбирките: „Патувања низ скршени слики“ (1984), „Стратегија на поразот“ (1994), „Линија на отпорот“ (1998), „Превод на мртвите“ (2000), „Див мир“ (2004), „Избрани песни“ (2008), „Историја на ветрот“ (2009), како и обемната студија „За традицијата“ (2007).
Преведувач е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата Григор Прличев во 2001.
Добитник е и на наградата на Студентски збор за најдобра дебитантска книга во 1985, како и на престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди во 2004.
Член е на ДПМ и актуелен претседател на Македонскиот ПЕН центар, Од 2003-2007 бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.