Денес во судот во Скопје се одржа рочиште од предметот Траекторија, кој е всушност градбата на два автопати со кинески кредит, Скопје-Штип и Кичево Охрид. Од разговорите, кои според одбраната се целосно во корист на обвинетите, стануваат јасни неколку работи.
Прво, дека Владата многу се борела да го добие кредитот од Ексим банката на Кина, и тој да биде со преференцијална каматна стапка од само 2 осто годишно. Второ, дека амбасадорот во Пекинг, Оливер Шамбески на дневна основа разговарал со кинеската страна и информирал какви услови бараат Кинезите. Нему му било јасно посочено во Пекинг, дека ако сака владата во Македонија да објавува тендер треба да знае дека Ексим банката на Кина дава кредит исклучиво ако биде избрана кинеска фирма, и тоа фирма која ќе добие дозвола од кинеските власти. Оттука потребата наместо по закон за јавни набавки да се оди со специјален закон.
Трето, Груевски барал да се обезбеди конкуренција, односно да не е само една фирма која ќе ја соопшти кинеската страна. Тоа Миле Јанакиески експлицитно го кажува на амбасадорот Шамбески дека шефот, се мисли на премиерот Груевски, сака да има конкуренција и да има повеќе од една фирма, и бара од него да настојува да издејствува таква можност од Кинезите.
И четврто, потоа од следни разговори се гледа јасно како Груевски бара од соработниците да издејствуваат колку што е можно понизок износ, пониска цена од Кинезите, со цел патиштата да се изградат по поевтини цени за државата. Се договараат да се делува на двете фирми да ги намалуваат цените во понудата.
Најголем дел од разговорите се од технички карактер меѓу Јанакиески и неговите соработници во министерството за транспорт.
Интересно е што СЈО ги нема доставено разговорите од неколку месеци во 2013та. Од август, октомври, декември 2012 нема ниту една снимка, а ноември 2012 има само два неважни разговори. А тоа според обвинетите e период на најинтензивни подготовки и давање првични понуди за Миладиновци-Штип, и одбраната реагираше зошто ги нема тие разговори. СЈО одговори дека предале се што имаат.
Инаку, кредитот и изборот на фирма беше направен со специјален закон, за кој гласаше и власта и опозициската СДСМ.
Миле Јанакиески и Владимир Пешевски се обвинети заради неспроведување на набавката по закон за јавни набавки, иако парламентот на Република Македонија донел специјален закон за ова. Никола Груевски е обвинет дека влијаел на овој процес за да оствари корист со тоа што градбата на двата автопати да се бара во договорот да се завршат побрзо, за две наместо за три години, и со тоа да оствари политички поени пред гласачите во пресрет на следните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.