| четврток, 6 декември 2018 |

Договорена откупната цена за пченицата

житоОткупната цена за годинашната пченица ќе биде 13 денари за килограм втора класа, 14 денари ќе се плаќаат за прва, а 15 денари за екстра класа, се договорија мелничарите и производителите денеска на средбата во Свети Николе.

Според ресорниот министерЉупчо Димовски Владата донела препорачана цена за откуп од 14 денари за килограм лебно зрно.
– Тоа е препорачана цена која што не обврзува никого, но добро би било да се применува. Во однос на цената со која започна жетвата и откупот имаме позитивен прогрес во зголемување на цената. Но земјоделците и мелничарите треба дополнително да се договорат, рече Димовски.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев истакна дека по неколкучасовните преговори со мелничарско-пекарскиот сектор е договорено по која цена ќе се откупува пченицата.
– До 76 хектарско литерска тежина цената ќе биде 13 денари, од 76 до 78 хектарско литерска тежина цената ќе изнесува 14 денари и над 78 хектарско литерска тежина цената ќе изнесува 15 денари. Сметаме дека е постигнат добар договор, а задоволни ќе бидат и земјоделците и мелничарите, рече Шаклев.
Тој забележа дека минатата година Македонија има увезено 44.000 тони брашно и околу 55.000 тони пченица, а оваа година до воведувањето на мерката за условен увоз на пченица и брашно се увезени 27.000 тони брашно.

Во моментов во Овчеполието и штипскиот регион во тек е жетвата на пченицата, а земјоделците велат дека годинава имаат добар и кавлитетен род.
Годинава беа насеани 95.000 хекатри пченица. Од нив се очекуваат околу 280.000 тони род.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top