| четврток, 6 декември 2018 |

По пауза од 16 години, Поповски повторно гостуваше на „Скопско лето“, сега со мајсторската „Крал Рикард Трети“

Македонскиот театарски режисер Александар Поповски по пауза од 16 години, повторно гостуваше на „Скопско лето“, овојпат со мајсторската претстава „Крал Рикард Трети“ продукција на театарот „Гавела“ од Загреб. Последен пат Поповски беше гостин на „Скопско лето“ со спектаклот „Дракула“ во изведба на Словенечкиот народен театар од Марибор. Претставата се играше на големата сцена на Македонскиот народен театар.

Ова не е првпат Поповски вака суверено да го режира Шекспир во „Гавела“. Пред точно десет години тој ја постави „Сонот на летната ноќ“.

Со овации беше наградена хрватската актерска екипа, посебно Озрен Грабариќ (38), кој го толкуваше ликот на Рикард Трети, кој во хрватските медиуми веќе доби оценка дека ова е неговата најдобро одиграна улога воопшто.

Поповски направил современа поставка на најполитичката историска драма на Шекпир. Покрај Грабариќ, кој со голема леснотија ја игра физичката деформираност, но и одлично го доловува и неговиот карактер, Поповски околу Рикард собира силни женски ликови – кралици. Критиката во Хрватска за Бојана Грегориќ Вејзовиќ, која ја толкува улогата на кралицата Маргарета, напиша дека остварува една од своите најдобри улоги.

Претставата има два посебно впечатливи моменти. На крајот од првиот дел, еден од актерите, Филип Шоваговиќ, во улога на чистач, проговорува од гледалиштето како претставик на народот и јавноста и крајот на претставата, кога сите актери, седнати на скалите на сцената, удираа на тапани, а кралот, сиот премачкан со крв, играше со масивна круна.

Во претставата играат уште и:  Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Свен Медвешек, Живко Аночиќ, Хрвоје Клобучар, Славица Кнежевиќ, Никола Баќе, Иван Грчиќ, Ѓорѓе Кукуљица, Филип Шоваговиќ и Аница Ковачевиќ.

„Гавела“ со „Кралот Рикард Трети“ утревечер ќе гостува на „Битола Шекспир фестивалот“ кој почна денеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top