| четврток, 6 декември 2018 |

Почнаа ненајавени контроли на лековите во аптеките

Инспекторите од Бирото за лекови почнаа со ненајавени контроли на лековите во аптеките со нивно директно земање од полиците. Тие ги предаваат на испитување во акредитираните лаборатории во Институтот за јавно здравје и Фармацевтскиот факултет во Скопје.

– Целта е  да испитаме дали македонските граѓани пијат лекови кои се квалитетни и ефикасни, односно дали одговараат со декларираните својства декларирани при увоз во упатствата, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Инспекторите од Бирото за лекови веќе посетиле 150 аптеки во целата држава и одзеле 206 лека од 34 производители од различна генерика. Од досега добиените резултати за 18 лека наменети за лекување различни заболувања е утврдено дека сите се квалитетни и ефикасни како декларираното во одобрението за увоз и за регистрација.

Тодоров најави дека во случај при анализите да се утврди дека лекот не одговара на квалитетот и ефикасноста, Министерството за здравство ќе го објави неговото име, ќе го повлече од пазарот, а за производителот или увозникот ќе биде изречена глоба од 25.000 до 50.000 евра.

 – Ова е пракса што ја почнавме првпат и сакаме да ја продолжиме. И ние како здравствени власти и граѓаните мора да сме сигурни дека се запазени квалитетот и ефикасноста на лековите, нагласи Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top