| четврток, 6 декември 2018 |

Почна сезоната на летни одмори: Ова е се што треба да знаете за зелен картон…

Покрај скапите туристички аражмани за летување во странство, дополнителен трошок за оние граѓани кој ќе патуваат надвор од земјава со сопствен автомобил се трошоците за зелен картон и меѓународна возачка дозвола. Македонските возачи плаќаат најскап зелен картон во регионот, па затоа го вадат само кога мораат, односно кога патуваат во странство. Кај нас ова осигурување со важност од еден месец чини 30 евра, a за една година 60 евра. Во поголемиот дел од земјите од регионот неговата цена е околу 10 евра, со тоа што е споен со домашното автоосигурување и се добива при самата регистрација на возилото.

Иако долго време се најавуваше дека и оваа варијанта ќе се воведе и кај нас, сепак не дојде до конечна реализација бидејќи тоа ќе го поскапеше основното автоосигурување, а со тоа и регистрацијата на возилата за сите граѓани, а не само за тие што патуваат во странство.

Според информациите, македонските осигурителни компании годишно издаваат од 100.000 до 130.000 зелени осигурителни картони. Овој документ се издава врз основа на полисата за осигурување од автомобилска одговорност и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји- членки наведени во полисата. Зелениот картон е еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и ги покриваат евентуалните штети кои ќе се причинат на трети лица со управување на моторните возила при патување во странство односно во земјите членки на системот на зелена карта.

Цената на зелен картон на патничко возило до 66 киловати на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 киловати за една година е 5.536 денари. Цена за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 киловати e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и за автобусите е 17.222 денари. Важност на годишната зелена карта е во рамките на времетраењето на полисата за автомобилска одговорност, односно истекува со регистрацијата.

 

извор: фактор.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top