Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за СДСМ од секогаш приоритет бил бизнисот на компаниите блиски до нив, а не здравјето на граѓаните. Членот на ИК на партијата, Игор Николов вели дека таков е проектот на министерот Венко Филипче за централизирање на биохемиските лаборатории.
-Самата најава за централизирани биохемиски лаборатории во вредност од 35 милиони евра во нашиот здравствениот систем, не значи ништо друго туку единствено остварување на личните интереси на точно определени локални финансиски групации, кои што се блиски до СДСМ, кои сакаат да остварат профит на сметка на здравјето на пациентите. И сето тоа со нула инвестиции. Скандалозното централизирање на биохемиските лаборатории, со кое што крвта од Велес ќе се транспортира за обработка во Битола, онаа на пациентите од Гостивар и околината ќе се транспортира во Тетово, од Берово, Делчево и Пехчево ќе се транспортира во Струмица, ниту ќе направи некаква заштеда како што најавува министерот, ниту ќе ги подобри услугите кои што ги добиваат пациентите. Единствено ќе се зголеми можноста да се добијат погрешни и неточни резултати, а со тоа и погрешна дијагноза и несоодветен третман за пациентите, изјави Николов.
Николов вели дека ова го потврди и шефот на кабинет на министерот Филипче кој поднесе оставка заради тоа.
-Вака подготвената централизација, со техничка спецификација спротивна на Законот на јавните набавки, како и тендер кој ја исклучува конкуренцијата и не бара никакви гаранции од оние кои што ќе учествуваат на истиот, единствено може да донесе штета на пациентите, изјави Николов.
Николов вели дека не може да му се верува на министерот кога и неговите најблиски соработници говорат за сомнителни политики.
-Како да веруваме дека Филипче мисли за доброто на пациентите кога го остава Прилеп, град со околу 100.000 – тина жители, без биохемиска лабораторија и тоа за најобично испитување крв? И не само Прилеп, во 21 век сакаат ги остават без биохемиски лаборатории Кавадарци, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Струга и други поголеми градови, каде што сега може да се врши биохемиска анализа. Срамно е за пациентите кои за најобично испитување на крвта ќе треба да патуваат по десетици километри, а исто така жалосно е за вработените кои се оставени на цедило и прашање е дали ќе продолжат да работат, вели Николов.
Тој го повика министерот Филипче да се откаже од реализацијата на овој проект за централизирање на биохемиските лаборатории, и да започне што побрзо да го реформира и реорганизира јавното, а не приватното здравство и тоа во вистинска смисла на зборот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.