Денеска на „Бит-фест“ во 20 часот на малата сала на Заводот и музеј во Битола ќе се одржи меѓународниот културен настан „Реставрирање на културното наследство – реставрирање на пријателските односи“. Здружението на граѓани „Ековаст“ (Европски совет за села и мали градови) со ова ја збогатува програмската содржина на „Бит-фест“, како проект што е поттикнат од материјалната култура на народите во Македонија, Грција и Албанија. Овој настан ги поврзува професионалците од областа на заштитата на културното наследство од овие три балкански земји, во чиј фокус е поставена традиционалната архитектура преку заедничка изложба на учесниците во овој проект.
Во 21 часот во Народниот театар во Битола ќе се одигра претствата на Драмскиот театар „Лет над кандидатското гнездо“ на Блаже Миневски, во режија на Андреј Цветановски. „Оваа претстава носи поинаква визура и поглед на епските херои на македонската бит, поинаква слика за тоа какви се тие херои и една опачина на ликот и делото на јунаците“, вели Андреј Цветановски, кој оваа претстава му ја посветува на својот татко Владо Цветановски. Во неа играат: Драган Спасов, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Кристина Ласовска, Крсте Јовановски, Атанас Атанасовски и други.
Во 21 часот во Културниот центар „Магаза“ ќе се одржи концерт на „Ад глоријам брас“ од Загреб, шестчлена група на лимени дувачки инструменти која е составена од членови на оркестарот при операта ХНК во Загреб, Симфонискиот оркестар ХРТ и Загрепската филхармонија. Таа е основана во 1993 година, а нивниот репертоар го сочинуваат дела на европски и хрватски мајстори, од ренесансата и барокот, како и дела на современи хрватски автори, од кои некои се напишани посебно за овој ансамбл. Во 22 часот, пак, ќе се одржи петтиот по ред „Бас-фест“, единствениот традиционален хипхоп-фестивал во Битола, кој оваа година добива и интернационален карактер. Покрај групите од Македонија , како „Стиховно војување“, „Поетика“, „Тракер“, Арди, С.Н.С и други изведувачи, вечерта ќе ја затворат гостите од Србија, легендите на балканската рап-сцена, ненадминливите CYA.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.