| четврток, 6 декември 2018 |

Феми Кути: Овој концерт е остварување на мојот сон!

-Првпат работам со голем оркестар и ова е мојот најпосакуван сон“, рече големиот африкански музички уметник Феми Кути на денешната прес-конференција, кој заедно со неговиот фантастичен бенд „Позитив форс и оркестарот на Македонската филхармонија, ќе одржи концерт под отворено небо на 7 јуни (четврок) во Градскиот парк во 21 часот.

Македонската филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје, на 6 и 7 јуни организираат два атрактивни настани кои што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје, од кои едниот е концертот на Феми Кути, додека на 6 јуни во 22 часот, ќе се случи настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески – „Исцелител“.

Славниот музичар и борец за човекови права Феми Кути, изрази огромно задоволство што е во Скопје и што неговата музика ќе биде изведена со симфониски оркестар.

-Среќни сме што сме гости во вашата земја. Ова е град со прекрасни луѓе. Првпат работам со симфониски оркестар и тоа за мене е како бајка која се оствари. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност, истакна Феми Кути.

-Сите сме среќни, можеби јас најмногу, рече Џијан Емин. Бев на концертот на Феми Кути пред 14 години во Скопје и за мене тоа беше неверојатно доживување. Драго ми е што оваа идеја стигна до реализација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top