| четврток, 6 декември 2018 |

И по Димов, Филипче!

 Јасминка Дамческа

Историјата во здравството се повторува, и тоа кога власта, освоена на насилнички начин, ја практикува СДСМ. Нема крај на погубните политики на СДСМ во здравството. Ај што немаат капацитет за реформи, за нови проекти, не се кадарни да го менаџираат сето она што една претходна „режимска” Влада го создаде.

Здравството во Република Македонија тоне. Пропаѓа во жив песок. На повидок ја нема “ортомата” од предизборните ветувања на шарените социјалдемократи, што треба да го влече македонското здравство од пропаста во којашто секојдневно паѓа. На повидок е само “ортомата” која се подготвува за бесилка на нашето здравство.

Ништо од ветувањата за достоинствени 100 илјади денари плата за докторите. Ништо од тоа да се задржат младите лекари во Македонија. Ништо од лажните предизборни ветувања на социјалдемократите за унапредување на македонското здравство. Наместо тоа, погубни политики, тендер министер, смртност на доенчиња како на афричкиот континент, дефицит на лекови во аптеките на рецепт, уназадување на македонското здравство, свесно, плански, по проект.

И во сиот тој недостиг на капацитет за управување со здравствениот систем, во сета таа безидејност, штурост и далдисаност само кон тендерско себебогатење, министеров- следбеник, предлага јавно-приватно партнерство во ПЕТ центарот, во Итната медицинска помош, Патронажната служба и во ГОБ 8-ми Септември.

На запад ништо ново!

Јасно е, од авион се гледа дека покрај тоа што немаат капацитет да менаџираат со објектите, опремата, кадарот, сега се’ она што се создаде претходно, потребно е да го подарат на одредени партиски челници по моделот на јавно-приватно партнерство. По моделот на фамозната приватизација кога партиските челници за пет банки станаа газди од прв ранг, си ги присвоија фабриките, а работниците ги осатвија на улица, сега на ред е дојдено здравството. Таму го гледаат новиот извор на создавање на буржоазија.

Новиот проект на хунтата на власт во здравството со назив “Кога Шарениот социјалдемократски пролетеријат стана буржоазија на плеќите на македонското здравство”.

Замислете, кога со Македонија вледееше една „режимска” власт се изгради ПЕТ центар, единствен на Балканот, со најсовремена опрема, со можности за добро менаџирање и за профит на државата Македонија. Оваа предавничка власт која работи спротивно на интересите на државата Македонија и нејзините даночните обврзници, во чија сопственост во моментов е ПЕТ центарот, сака да го подари ПЕТ центарот – НЕКОМУ! КОМУ? Да го собере тој, некој, кајмакот од напорната работа, од непроспиените ноќи, од парите на Македонските даночни обврзници. Не, не сте толку неспособни и некадарни шарени социјалдемократи, туку сте перверзно расипани, оти свесно ги подарувате националните и државните ДОБРА.

Замислете, кога со Македонија вледееше една „режимска” власт, Градската општа Болница „8 Септември“ се опреми со најсовремена медицинска апаратура, здравствените работници се праќаа на едукација во странство, се доделуваа специјализации, се градеше. И кога ГОБ „8 Септември“, застана на здрави нозе, сега вие, јавно – приватно партнерство. Повторно да му ги наполните очите на некој ваш сопартиец или шарен револуционер, по моделот, благодарница за послушниот и предан соборец од шарената револуција.

Замислете кога со Македонија вледееше една „режимска” власт се купија 70 нови и најсовремени возила за Итната медицинска помош. Кадарот се праќаше на едукација и се доделуваа специјализации за лекарите во Итната медицинска помош. Се тежнееше кон повисоко ниво на здравствена заштита на граѓаните во Република Македонија во итни состојби. Итната медицинска помош е служба која 24 часа ги покрива здравствените потреби на граѓаните во итни здравствени состојби, катастрофи од широки размери, пожари, земјотреси, поплави и други видови на несреќи. Има ситуации кога здравјето на граѓаните е на прво место, а не пресметаниот профит. Итната медицинска помош е непрофитна гранка.

Дали министерот Филипче ќе ја стави под знак прашалник здравствената заштита на граѓаните во итни состоби со најновата реформа за јавно – приватно партнерство во Итната медицинска помош? Да!

Дали неговото непознавање на здравствените системи ќе го ничкоса и онака клекнатото на колена македонско здравство од погубните политики на социјалдемократите во здравството? Да!

Вакво непознавање на здравствениот систем од страна на еден министер е невидена работа. Или веќе видено! Исто како реформите на неговиот партиски претходник Владо Димов, кога го реформираше примарното здравство. Па се до ден денешен се соочуваме со пропустите и штетите од неговата реформа.

Здравството не е мозаик од желби и шарени креации кои имаат за цел да ги амортизираат купиштата лажни ветувања на една марионетска и инструментализирана власт, која мисли дека може да испроси добар здравствен систем, крадејќи трошка по трошка од различните здравствени системи во светот. Не се гради добар здравствен систем просејќи донации. Но, заклучокот е дека бевте и останавте просјаци. Просевте за да дојдете на власт. Просите за да останете на власт.

Здравствениот систем е нешто повеќе од вашата гола политика. Здравствениот систем е смислена, планска и комплексна клетка на едно општество.

Ова вашево е незнаење и перфидност!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top