На 12 јуни (вторник) во Камерната сала на Македонската филхармонија во 20 ч., ќе се одржи шестото издание на фестивалот на млади виолинисти „Виолин фест“. На ревијалниот концерт и оваа година ќе настапат млади и талентирани виолинисти од музичките училишта од Скопје, Штип, Кочани, Прилеп и Косово, како и студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. На програмата ќе бидат изведени композиции од Вивалди, Крајслер, Равел, Сарасате, Ваксман…
Организатор на „Виолин фест“ и оваа година е виолинистот и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, Владимир Костов, чија идеја да се презентира талентот на едно место на младите виолинисти од цела Македонија, без разлика на нивната возраст, веќе прерасна во традиционална. „Виолин фест“ наедно нуди и отворање на концертната сцена и претставување пред поширок аудиториум на младите музичари за кои музиката е вистински предизвик.
Како пијано придружба, на годинашното издание ќе се претстави пијанистката Марија Вршкова.
Фестивалот се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија и Министерството за култура на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.