Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје деновиве го објави романот „Небото на паднатите“ на рускиот писател Јуриј Полјаков, во превод од руски јазик на Ленче Тосева.
Небото на паднатите е еден од најчитаните романи на Полјаков – има петнаесет изданија на руски јазик и е продаден во стотици илјади примероци. Истовремено со излегувањето на македонското издание на овој мега-хит, се снима втор по ред игран филм според мотивите на ова дело.
Ликовите во романот се обични човечки грешни души на коишто авторот, со својот карактеристичен стил на пишување, им дава малку демонска, малку ангелска природа, и суптилно, но доволно храбро, ни опишува колку парите можат да ја разорат човечката душа. Љубовта помеѓу младиот бизнисмен и неговата секретарка, која авторот ја вткајува во приказната е една чудна, фатална, трагична и слепа љубов, пронижана со неверства, казнувања и меѓусебна зависност, но за денешното време, посебно за руската транзиција, е многу реална. Сарказмот, луцидноста и ненаметливиот хумор, алузиите, богатиот јазик и комплексноста на ликовите, го прават романот повеќе од обична љубовна приказна. Тој е огледало на парадоксот на современото живеење, или како што вели самиот автор, романот претставува само еден „гротескен реализам“.
Јуриј Полјаков е познат руски прозаист, поет, публицист, драмски писател и филмски сценарист; по образование филолог; роден во 1954 година во Москва. Го сметаат за најголемото име на руската литература во последните три децении. Неговите дела се ултра популарни, преведени на многу јазици, според кои се снимени и сè уште се снимаат филмови, и се играат претстави во театрите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.