| четврток, 6 декември 2018 |

„Феникс“ ја објави „Здивот на смртта“ од Зоран Пејковски

Деновиве од печат излезе новата збирка песни на академикот Зоран Пејковски, „Здивот на смртта“ во издание на реномираната издавачка куќа „Феникс“ од Скопје“.

Станува збор за збирка песни поделена во три циклуси „Морбиди во крвотокот“, „Татковина за покојните“ и „Осмислување на епитафот“ која содржи 36 песни, чии рецензенти се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Христо Петрески.

Инаку, според рецензентот проф.д-р Васил Тоциновски станува збор за трагична лирска исповед напишана во мигови кога дошло време за разделба со еднаш и кратко дадениот живот додека здивот на смртта своите студени усни како отворени рани за кои нема мелем се множат по телото. Не останало ништо од човекот, времето и просторот. Постои само зборот не како утеха, туку како верба со него и во одговорноста пред него како писмо да се остават аманети, пораки и поуки до поколенијата и идните времиња. Оттука епското како стожерна мисла и смисла од творечката лабораторија на Пејковски е своевидна фреска на субјектот или поточно на главниот херој поетот, чија животна судбина ја сочинува основата на сижето. Всушност, ќе напомени рецензентот Тоциновски: „Средбата со поетската книга „Здивот на смртта“ читателот го вознемирува и загрижува, замислува и поразува. Зашто како и авторот, неговиот читател се нашол очи в очи со смртта. Занемел зборот, се згрутчила крвта, здивот замрзнал. Стиховите и песните ги исполниле страв, сенка, тишина, смрт, ноќ, болка, паѓање, немир, молк, исчекување, самотија, безнадежност“ итн.

Рецензентот пак проф.д-р Христо Петрески во својата рецензија кон најновата стихозбирка „Здивот на смртта“ од Зоран Пејковски, ќе напомене дека: „Како ретко кој друг автор, битолскиот писател Зоран Пејковски во најновите негови ракописи го покажува и докажува своето растење, зреење, па и зрелост. Така, тој во последниве неколку години директно му погледна на животот, но и на смртта. Неговите песни, драми, проза… сето тоа е обвиено со некоја тајновитост и мистика, но истовремено е и директно и жестоко. И, како ретко кој друг автор, Зоран Пејковски пишува за смртта. Така е и во неговата најнова стихозбирка „Здивот на смртта“. Смртта, всушност, за Пејковски подолго време е опсесивна тема и преокупација. Неговите песни се пророчки, искрени и доживеани, па, би рекле, дури и манифестни и тестаментални. Поезијата од „Здивот на смртта“ е згусната, јадровита, чиста, незамаглена, лапидарна, концизна, мисловна, сликовита и експлицитна. За нејзината кохерентност, конзистентност и когнитивност сведочат напевите во кои е содржана една од најстожерните, најприсутните и најпротивречните теми, а тоа е смртта“. Инаку, рецензентот Петрески ќе напомене: „Зоран Пејковски во „Здивот на смртта“, не случајно, вели:… „оставете ме да се изнагледам“; времето темнее во моите зеници; тежок здив на животот; мочуриштето на смртта; крвта што ме докрајчува; мојот незаштитен замок; заминувањето на самодовербата; празно небо што ништо не ветува; другиот свет; невнимателни зборови; поинакви вистини, неизбежни и конечни; последниот брут на погледот – последната слобода“….. И така натаму, и така натаму, и така натаму“. Притоа ќе додаде дека: „Оваа е најдобрата збирка песни на Зоран Пејковски!!!“

Што се однесува пак до авторот Зоран Пејковски тој е редовен академик и е единствениот натуралист во македонската литература. Тој е драмски писател, поет, прозаист, преведувач и публицист, дипломира и магистрира драматургија, а сега е докторант на Институтот за македонска литература – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Познато е дека неговите книжевни искуства датираат од многу поодамна, а посебно од 1987 година, кога за прв пат е одигран негов драмски текст надвор од Република Македонија, за потоа тој да започне и професионално да се занимава со книжевноста.

Па така овој наш академик е автор на драмските ракописи: „Атомско време“ (трагедија, 1987, одиграна на алтернативните театарски сцени во Црна Гора); „Последниот чин на комедијата на смртта“ (трагикомедија, 1994 г., во 11 сцени, одиграна во сезоната 1994 – 1995 на алтернативни театарски сцени во Македонија, а пак во сезоната 2017 одиграна е на театарската сцена во Беране, Подгорица, Бјело Поле во Црна Гора, потоа на театарот „Славија“ во Белград и Центарот за култура во Трстеник, во Србија, а пак во 2018-та година одигран е во театарот „Бата Булиќ“ во Општината Петровац на млави); „Љубов на вересија“ (љубовно-еротска комедија, 2000) „За животот, љубовта и смртта“ (монодрама, 2011, одиграна во сезоната 2001-2002 на сцената на Народниот театар од Битола); „Сон“ (трагедија 2013, во 24 слики); „Сите наши кодоши“ (трагедија, 2014 во 11 сцени); „Самуилово распетие“ (драмска пиеса во стих, 2014, во три сцени, со пролог и епилог); „Херувимите на Самуиловата круна“ (сценско-драмски рецитал 2014, одигран од актерите на Народниот театар од Битола, по повод 1000-годишнината од смртта на цар Самуил, „Со љубов кон свети Климент Охридски“ (сценско-драмски рецитал, 2015 одигран од актерите на Народниот театар од Прилеп, „Апостолска чудотворност“ (драмска адаптација на драмата „Апостолска чудотворност“, 2016, посветена на св. Климент Охридски, одиграна од актерите на Народниот театар од Прилеп, по повод 1.100 години од неговото упокојување, потоа истата драмска адаптација е одиграна на шестата по ред Меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“, а посебно беше одиграна на главната манифестација на НУУБ „Св.Климент Охридски“ од Битола во рамките на одбележувањето на патрониот празник на библиотеката, по повод 1.100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски); „Мали детски разговори“ (пиеса за деца во 4 сцени, 2016); „Избор драми-трагедии“ (трагедии, 2016); „Совршенство или смрт“ (драмска пиеса во стих во 6 сцени, со пролог и епилог, 2017 г.,посветена на Григор Прличев, а пишувана по повод 125 години од неговата смрт – 1893 – 2018); „За Македонската Библија“ (сценско-драмски рецитал, 2017) одигран од актерите на Народниот театар од Прилеп, како и на осмата по ред книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“; „Реквием за љубовта“ (драмска пиеса во стих во 5 сцени, со пролог и епилог). Имено, оваа битолска еврејска приказна, пишувана врз вистинит настан, а чувана со децении и децении, е пишувана по повод 75-годишнината од холокаустот извршен врз македонските Евреи во 1943 (1943 – 2018 година – 75 години од холокаустот), со која, всушност, се одбележува овој трагичен настан за Македонија и македонските Евреи.

Доказ за нејзината вредност како драмски текст е и тоа што таа во 2018-та година е преведена на полски јазик Rekwiem dla mitosci и одиграна во театрите во Полска, потоа на романски јазик Recviemul dragostei и одиграна во театрите во Романија, па на еврејски јазик и одиграна во Израел, како и во Соединетите Американски Држави, за која, впрочем, е преведена на англиски јазик Requiem for love и одиграна во еден од театрите на Бродвеј.

Инаку, ова е единствениот драмски текст досега во македонската литература преведен наеднаш на четири светски јазици, кој ќе биде одигран во европските и светските театри од еден македонски драмски писател.

Што се однесува до поезијата академик Зоран Пејковски автор е и на: „Тесно небо“ (поезија, 1993); „Реликвија на светлината“ (поезија, 1996); „Облак во пантолони“ (препев од руски на поемата на Владимир В. Мајаковски, 1997); Relic of the light (поезија на англиски јазик, 1998); потоа следи „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999); па „Сега знам“ (поезија, 2014); „Да не ми е сон“ (поезија, 2016); „Златна прашина“ (поезија, 2016); Sa nu-mi fie vis(поезија на романски јазик, 2016); „Македонски Стар и Нов Завет“ (поема, 2017); и „Да не ми е сон“ (поезија на четири јазици, македонски, француски, романски и влашки јазик, 2017); и „Здивот на смртта“ (2018);

Академик Зоран Пејковски автор е и на „Градот на Јужното Море“ (роман, 2015); Што се однесува до публицистиката, академик Пејковски автор е и на: „Театарот е ритам и стил“ (публицистика, 2002); и „Театарот е фабрика за соништа“ (публицистика, 2012);

Што се однесува до наградите и признанијата, македонскиот драмски писател, академикот Зоран Пејковски за својот книжевно – драмско – прозни и поетски опус има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои: „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно-просветната заедница на Македонија, во 1992 година; наградата „Празник на липите“, во 2012 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“, во 2014 година, како и наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола, за книжевност и литература, за 2014 година, за драмскиот текст „Сите наши кодоши“ и збирката песни „Сега знам“. Потоа, академикот Зоран Пејковски во 2016 година ја добива наградата „Јован Котевски“ за збирката песни „Златна прашина“. Тој истата 2016 година ја добива и наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз, како и наградата „Прозни мајстори“ за романот „Градот на Јужното море“. При крајот на 2016 година академикот Зоран Пејковски од НУУБ „Св.Климент Охридски“ од Битола ја добива наградата „Св. Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата.

Воедно, за македонскиот драмски писател, односно академикот Зоран Пејковски може да се напомене дека во 2016 година, од институцијата Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France, е назначен за почесен амбасадор на мирот. Оваа титула, е доделена од Швајцарија и Франција, која им се доделува на големи книжевни и уметнички имиња кои ја презентираат литературата од земјата од каде што потекнуваат во европски и светски рамки, но и за нивен придонес за човештвото во Европа и светот, со која титула тој меѓу другото македонската литература ја донесе во европските и светските меридијани, а тој, самото посебе, станува не само македонски, туку и европски и светски писател.

Што се однесува пак до 2017-та година, академик Пејковски ја добива и наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски јазик, а станува збор за поемата „Македонски Стар и Нов Завет“, а го добива и признанието за најдобар автор претставен пред велешката публика од страна на библиотеката „Гоце Делчев“ за 2016-та година од Велес. Исто така, во 2017-та година тој е примен за редовен член на Друштвото на светските поети „Поетас дел мундо“ – Poetas del mundo (www.poetasdelmundo.com /detalle-poetas.php?id=9352). А пак од Сојузот на независните писатели на Бугарија ја добива највисоката награда, почесниот медал. Што е единствен македонски писател што ја добива оваа висока награда во литературата.

Исто така, со Решение № 37 на Советот на чувашките старешини и на Президиумот на Република Чувашија, која е државна организација на Чувашката народна академија на науките и уметностите од 25-ти март 2017 година, во градот Чебоксари, Република Чувашија, Руска Федерација, Зоран Пеjковски е награден со сребрениот почесен медал „Елтебер“ за исклучителен придонес во историското и културното наследство на чувашкиот народ и за особени заслуги во развојот на народната дипломатија меѓу народите на Македонија, Бугарија, Чувашија и Русија.

На 27.05.2017 Зоран Пеjковски е избран за редовен член (редовен академик) на Чувашката народна академија на науките и уметностите (ЧНАНИ). А пак со Протоколот бр. 1 (12) од 14.12.2017 година во градот Чебоксари е донесена одлука Зоран Пеjковски да биде избран и за почесен народен академик на Чувашија. Со почесното научно академско звање „Народен академик на Чувашија“ е награден на 18.01.2018 година во градот Чебоксари со Уредба на претседателот на Чувашката народна академија на науките и уметностите, академик Евгениј Ерагин. Всушност, Зоран Пејковски двапати е академик на Чувашската Република. Тој е редовен академик на Чувашката народна академија на науките и уметностите и почесен академик на Чувашија.

За академикот Зоран Пејковски исто така може да се каже дека е член на Друштвото на писатели на Македонија – Скопје од 1995 година; член на Собранискиот одбор на Друштвото на писатели на Македонија – Скопје; член на Македонското научно друштво од Битола и член на неговиот Управен одбор; претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола; главен и одговорен уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола; потоа тој бил и основоположник и раководител на Центарот за култура, литература, драмска уметност, филм, издаваштво, кој работи во рамките на Македонското научно друштво, а бил и главен и одговорен уредник на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ кое излегува во рамките на МНД; Инаку, академикот Зоран Пејковски е член и на Сојузот на независните писатели на Бугарија, како и член на Хрватското книжевно друштво.

Притоа треба да се истакне дека академикот Зоран Пејковски е преведуван и препејуван на повеќе странски јазици: англиски, француски, српски, хрватски, црногорски, босански, словенечки, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, полски, шпански, романски, влашки, итн.

Сето ова е аргумент повеќе дека во сите негови книжевно – драмско – прозни и поетски остварувања тој го потврдува квалитетот на високо етаблиран писател на повеќе жанрови литература, а преводите и препевите на повеќето странски јазици го потврдуваат тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top