Милијардерот Џорџ Сорос објави дека по неколку дена ќе започне кампања за втор референдум за излегување на Велика Британија од Европската унија, пишува „Индипендент“.
Според Сорос, изгледите за долгиот развод на Велика Британија со ЕУ може да придонесат за убедувањето на Британците дека членството во Унијата е во нивен интерес.
„Разводот ќе биде долг процес, најверојатно ќе потрае повеќе од пет години. Пет години се цела вечност во политиката, особено во револуционерни времиња како сега“, рече тој во говорот во Париз.
Има информации дека финансиерот дал околу 500.000 фунти на организацијата „Најдоброто за Велика Британија“ („Best for Britain“), основана минатата година од противничката на „Брегзит“ – Џина Милер. Се очекува групата да ја објави програмата за својата кампања на 8 јуни, повикувајќи на втор референдум, посочува британското издание.
„На крајот Британците се оние кои треба да одлучат што сакаат да прават. Ќе биде сепак подобро ако тие одлучат поскоро, а не подоцна. Токму тоа е целта на иницијативата наречена „Најдоброто за Велика Британија“, која јас ја поддржувам“, изјави Сорос.
„Најдоброто за Велика Британија“ се бореше и помогна за извојување на содржинско парламентарно гласање, кое вклучува можност воопшто да не се напушта Унијата. Тоа би било добро за Велика Британија, но исто така би направило голема услуга на Европа, откако ќе го поништи „Брегзит“ и нема да создаде тешка за пополнување дупка во европскиот буџет“, рече тој.
„Но британската јавност треба да ја изрази својата поддршка со убедлива разлика, за да биде прифатена сериозно од Европа. Токму кон тоа се стреми „Најдоброто за Велика Британија“, откако ги ангажира избирачите. Таа ќе го објави својот манифест во следните неколку дена“, изјави милијардерот.
извор: стандард
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.