Во концертната сала на Музеј „Борис Христов“ во Софија се одржа концертот на Александра Коцевска (мецосопран) и Глигор Гелебешев (пијано). Во програмата на концертот се предвидени музички композиции од Ф. Шопен, С. Стојков, С. Рахмањинов, П.И. Чајковски.
Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и е дел од Годишната програма на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.
Александра Коцевска своето музичко образование почнува да го изучува во ДМБУЦ “Илија Николовски- Луј”-Скопје, во класата по соло пеење на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, а дипломира на ФМУ-Скопје во класата на проф. Благојче Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. По дипломирањето се вработува во ДМУЦ ”Сергеј Михајлов”-Штип, каде може да се каже дека е основоположник на класата по соло пеење. Во 2002 год. магистрира во класата на проф.Билјана Јовановска-Јакимовска. Додека во 2006 год. својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”-Скопје. Како наставник по соло пеење бележи големи успеси со своите ученици на бројни натпревари. Како истакнат педагог e често поканувана како член во жири-комисии на меѓународни натпревари. Во 2011год. добива награда за повеќе годишна успешна работа во областа на уметничката педагогија од “Здружение на музички и балетски педагози на Република Македонија”. Од 2015год. се враќа на концертните подиуми. Следуваат концерти во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев…..Тетово, Гевгелија, Кочани, Скопје, Куманово… Но и често настапува во камерни состави по различни поводи (Денот на хармониката, Фестивал Златна лира …итн.) Бележи и настапи во организација на Амбасадите на Р.Србија и Р.Полска…
Глигор Гелебешев својата уметничка наобразба ја започнува во својот роден град Гевгелија во класата на проф. Љ.Улишева. Средно музичко училиште учи во класата на проф. К.Костова и Т.Светиев, а студира на Академијата на уметности во Нови Сад (Србија) во класата на проф. Јокут Михајловиќ. По магистрирањето на ФМУ во Скопје (1997 год.) ја започнува својата карирера како солист и камерен музичар. како солист има настапувано на голем број концерти во земјава и странство, концерти со Македонска Филхармонија и со камерниот оркестар на Македонската Филхармонија. Г.Гелебешев реализирал и повеќе трајни снимки за Македонското радио и телевизија.Од 2001 год. со својата сопруга Катерина Гелебешева-Костадиновска формираат пијано дуо Гелебешеви, кое со голем успех настапува на најзначајните фестивали во земјата (Охридско Лето,Хераклејски Вечери, Интерфест-Битола, ДММ, Златна Лира …), но и на бројни настапи во странство (Франција, Полска, Романија, Србија, Бугарија, Холандија, Турција, Италија …). За високите уметнички дострели Дуото ја добива наградата „Златна Лира“-2012, која ја доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија.Глигор Гелебешев исто така бил член во жири-комисии на повеќе домашни и меѓународни натпревари: „Даворин Јенко“-Белград, Полска, „Млади Виртуози“-Софија, Интерфест-Битола, Врање и др.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.