| четврток, 6 декември 2018 |

Бранка Петриќ, актерка: Јас нема да заминам огорчена од сцената!

Во опуштна и пријатна атмосфера разговаравме со оваа белградска глумица и госпоѓа за љубовта, актерството, животот. Таа се потсети за другарувањето со македонските актери, за сериите и филмовите во кои глумела, а неизбежна тема беше бракот со генијалниот Беким Фехмиу, легендарен глумец со светски углед и глас

Бранка Петриќ (81) е српска актерка која публиката најмногу ја препознава по улогата на Лепосава во филмот и серијата „Лажливо лето“, потоа во „Балкански шпион“, серијата „Соба 405“, како и популарната тв-серија „Нешто како љубов“ каде глумеше заедно со Никола Којо и Сергеј Трифуновиќ. Македонските гледачи ја знаат Петриќ од серијата „Синѓелиќи“ која се емитуваше и на телевизијата „Сител’.

Петриќ лани гостуваше во Скопје, со претставата „Иванов“ која беше дел од програмата на МНТ-Фест, а денеска и утре, на големата сцена на Македонскиот народен театар (20 часот) ќе се одигра „Ајнштановите соништа“ на Југословенско драмско позориште. Претставата е во режија на Слободан Унковски, а драматург е Русомир Богдановски. Петриќ во „Ајнштановите соништа“ ја толкува улогата на Луце. И покрај богатата кариера на Петриќ на филм, телевизија и театар, таа првпат соработува со Унковски. Почестена е што нашиот режисер ја одбрал за една од улогите во неговата претстава.

– Многу се радував што гостувавме во Скопје со „Иванов“. И секогаш кога Никола Ристановски доаѓа во Белград, публиката многу му се радува. Сега гостуваме со „Ајнштановите соништа“ и ова е навистина една претстава од соништата. Ова е претстава која бара многу од глумецот, многу е интересна и се надевам дека ќе и се допадне на публиката – вели Петриќ во интервју за „Република“.

Во опуштна и пријатна атмосфера разговаравме со оваа белградска глумица и госпоѓа за љубовта, актерството, животот. Таа се потсети за другарувањето со македонските актери, за сериите и филмовите во кои глумела, а неизбежна тема беше бракот со генијалниот Беким Фехмиу, легендарен глумец со светски углед и глас.

– Од кога го работевме „Иванов“ се радував дека ќе имам прилика повторно да го сретнам вашиот Ристановски, глумец кој исклучително го ценам. Бев многу среќна кога тој прифати да го игра Иванов во претставата. Многу ја сакам и ја ценам неговата фина нежност која тој ја покажува кон мене. Кога студирав, а тоа беше многу одамна, во Белград доаѓаше вашиот Коле Ангеловски, потоа маркантниот Ристо Шишков, режисерот Љубиша Георгиевски. Унковски од кога почна да доаѓа да работи во ЈДП  потајно посакував да бидам дел од ансамблот со кој тој ги работеше претставите. И ете, на крајот ја дочекав оваа претстава, „Ајнштановите соништа“. Многу бев среќна кога ме повика. Посебно се радувам на пријателстовото со Русомир Богдановски. Тој многу ми помогна, посебно кога во еден период, додека ја работевме претставата, западнав во криза. Тој ми даде многу добри совети и одеднаш почнав да се чувстувам многу добро – вели Петриќ.

Петриќ е глумица со посебен телент и сензибилитет, со многу богата кариера. Иако е во деветта деценија од животот, таа се уште е активна и глуми. За нема нема пензија.

– Глумците официјално одат во пензија, кога ќе им дојде време. Има глумци кои едноставно веќе не сакаат да работат. Јас ништо не одлучив, дали ќе продолжам да глумам или мојот работен век ќе заврши. Тоа едноставно така се случи. Од 2010 година до сега имав девет премиери. Просто, така се случи. Не се трудев и понатаму да останам во сцена – вели Петриќ која точно 60 години е актерка. Во 1958 година во ЈДП ја изговорила првата реплика „Добра вечер“.

– Кога јас почнував театарот беше полн со големи глумци, прваци на сцената. И за сите овие години гледав глумци на кои кога им доаѓаше време за во пензија, тие одеднаш стануваа по малку огорчени. Почнуваа да се дружат со помладите и кога тие немаше да ги препознаат, тогаш тие не се чувствуваа баш најдобро. Тогаш јас си реков: ’Јас нема да заминам огорчена од сцената!’ И ете, јас не сум огорчена! – вели дамата на српското глумиште.

„Никој не се сакаше како Бранка и Беким“ е еден од насловите во медиумите по трагичната смрт на Беким во 2010 година, кога тој си го одзезе животот.

– Читаме дека сите големи љубови имаат тажен крај. Нашата приказна не беше таква. Секој крај е тажен, бидејќи кога човекот се приближува кон своето заминување, сите на крајот сме губитници. Но, и тоа е дел од животот. Нашата приказна ги издржа сите можни искушенија, а верувајте дека ги имаше многу. Во нашта куќа се среќаваа три религии. Тоа за нас беше богатство како за моите деца така и за нашиот живот, за разбирање на светот околу нас. Ова посебно се однесува на 90-те години на минатиот век, кога почна да се распаѓа нашата земја. Многу бракови и семејства се распаднаа. Само оние кои имаа многу љубов и широки погледи можеа да ги надминат тие проблеми. Мене после љубовта ми остана љубов – раскажува Петриќ.

Приказната на белградската глумица е навистина несекојдневна. Родена е во Кралска Југославија, поточно во хрватскиот град Нови Винодолски, потекнува од богато и угледно семејство. Нејзината баба била учителка, а нејзината мајка завршила филолошки факултет. Живееле во Риека, а нејзиниот татко, кој за време на Втората светска војна бил левичар, бил осуден на 20 години робија во Италија. По капитулацијата, тој излегува од затвор и сите се преселуваат во Белград.

– Ако е нешто убаво, тогаш останува убаво во сеќавањето. Се сеќавам на еден филм во кој ликот треба да умре. Тогаш ангелот на смртта му се појавува и го прашува какви се неговите спомени. Тој одговара дека има убави сеќавања за животот. Е па тогаш, многу полесно може да заминете. Ако сте имале некоја голема љубов, таа трае и понатаму. Таква беше љубовта меѓу мене и Беким. Целата приказна живее во мене и ништо не може да ја смени. Напротив, тие спомени и таа љубов, како изминуваат годините, добиваат повеќе на значење. Убавите сеќавања помагаат полесно човек да замине – го заврши разговорот за „Република“ големата дама Бранка Петриќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top