Откако во Дубровник е хоспитализиран пациент за кој постои сомневање дека е заразен со морбили (мали сипаници), во Хрватска се шири страв од епидемија, но и се поставува прашањето зошто е зголемен бројот на невакцинирани деца, кој во Дубровник минатата година изнесувал дури 60 отсто, додека тој процент во Дубровачко неретванската жупанија изнесува 45 отсто.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, прашање на време е кога и во Хрватска ќе избувне епидемија, која во Србија годинава однесе петнаесетина животи.
Епидемиолозите велат дека е „чиста случајност“ што до сега во јужниот дел на Хрватска не избувнала епидемија со оглед на процентот на невакцинирани деца, како и дека не е јасно што се случува на тоа подрачје и зошто токму во таа област има толку висок процент на невакцинирани.
Според „Ал Џезира Балканс“, причината за порастот на бројот на невакцинирани деца се крие во се поизразената недоверба на родителите кон вакцините и верувањето дека тие предизвикуваат фатални последици врз здравјето, иако научните докази велат друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.