Фестивалот на европски филм „Синедејс“ по долга и исцрпна апликациска процедура, успеа да се акредитира во меѓународната асоцијација FIAPF и да се здобие со големото признание “Competitive film festival specialized in European first and second feature films”, соопштија од Младинскиот културен центар (МКЦ).
Одлуката за зачленување на „Синедејс“ во специјалната селекција од 47 акредитирани фестивали во светот досега, е донесена со едногласна одлука за време на Генералното собрание на FIAPF на 18.февруари 2018 година
„Синедејс“ е во друштвото, рамо до рамо, со 47 фестивали од светот, вклучувајќи ги Берлин, Бусан, Кан, Сан Себастијан, Торонто и Венеција, кои се акредитирани преку оваа програма која гарантира квалитет, дефиниран од меѓународната филмска заедница сконцентрирана во оваа важна меѓународна федерација.
FIAPF претставува единствена федерација на филмски и телевизиски продуценти со големо глобално значење, вбројувајќи 38 продукциски куќи од 31 земја во светот. Мандатот на FIAPF вклучува застапување на заедничките економски, правни и регулаторни интереси на филмската и телевизиска индустрија од сите пет континенти во кои е застапена. Воедно, FIAPF важи и за регулатор на активностите на меѓународните филмски фестивали, вклучувајќи ги и светските најзначајни фестивали како Кан, Берлин, Венеција и Торонто. Со својата акредитациска програма, FIAPF и овозможува на филмската индустрија пласман на своите филмови на фестивали кои гарантираат висок квалитет и завидни фестивалски стандарди, се вели во соопштението на МКЦ.
„Синедејс“ е единствениот фестивал на европски филм во Македонија, основан во 2001 година на иницијатива на шпанскиот режисер Педро Алмодовар и Вивиен Рединг, поранешен комисионер за едукација, млади, медиуми, спорт и култура на Европската комисија како ‘недела за славење на европската кинематографија’ во сите европски метрополи. Оттогаш, Скопје остана единствената европска метропола во која „Синедејс“ прерасна од ревија во вистински филмски фестивал.
Во текот на своите 17 години постоење, „Синедејс“ успеа да се развие во фестивал со силна и атрактивна програма како за домашната публика, така и за меѓународната филмска јавност. FIAPF како светска организација е задолжена за акредитирање на меѓународните филмски фестивали. Акредитирањето од страна на FIAPF е единствениот знак за квалитет кој додава значење на меѓународно етаблираните филмски фестивали, а кој се доделува на лимитиран број на фестивали во светот достојни на строгите стандарди за она што претставува вистински ‘филмски фестивал’, дефинирани од страна на филмската заедница.
Според FIAPF, начинот на кој „Сиендејс“ e во директна релација со регионалната индустрија и начинот на кој допринесува за промовирање на млади европски таленти и филмови, како и блискиот однос со локалната публика, се доволни елементи кои ја докажуваат улогата на „Синедејс“ како фестивал посветен на промоција на европската кинематографија. За нив, „Синедејс“ претставува фестивал кои ги почитува стандардите за квалитет дефинирани од светската филмска индустрија. FIAPF во својата одлука, ја истакнува и важната и несебична работа веќе постигната од страна на организаторите на фестивалот, а истовремено ја укажува и својата верба дека фестивалот има одлична подлога за понатамошен развој важен за градот Скопје, за Македонија но и за Источноевропската филмска индустрија.
Со акредитирањето на фестивалот „Синедејс“ FIAPF им овозможува на продуцентите, дистрибутерите и продажните агенти гарант дека фестивалот ги пресретнал високите професионални стандарди за организирање на еден европски филмски фестивал, кој е базиран на јака и структурирана организација, вклучувајќи разни учесници од локалната и меѓународната филмска индустрија.
Покрај „Синедејс“, единствени други акредитирани фестивали од Балканот се Сараевскиот филмски фестивал и Софискиот меѓународен филмски фестивал.
„Младинскиот културен центар како организатор на фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ се особено горди на овој меѓународен успех на фестивалот, а воедно ја изразуваат и својата благодарност до сите соработници и пријатели на „Синедејс“ како и верната домашна публика за постигнатите резултати, со ветување дека и понатаму ќе продолжиме со добрата работа, уште поуспешна филмска програма и вистинско фестивалско уживање!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Со долгоочекуваната премиера на филмот „Еј“ се затвора годинешното издание на „Синедејс“
-
На „Синедејс“ првпат ќе се одржи Форум на претставници од 12 филмски фестивали во Македонија
-
Вечерва на „Сиендејс“ последниот филм на Даниел Деј Луис
-
Женскиот младински хор при МКЦ одржа бесплатен џез концерт во рамки на „Синедејс“