| четврток, 6 декември 2018 |

Учи дедо Стефан, учи!

Русенскиот митрополит Наум од БПЦ-БП му одржа скретен курс и уште повеќе, го понижи и му удри невидена шлаканица на Архиепископот охридско-македонски, г.г. Стефан. Во само неколку реченици му покажа како, и како црква, се бранат националните интереси и кому каде му е местото. Особено по барањето на МПЦ-ОА како „ќерка” на БПЦ да и додели статус на „мајка” црква, непосредно спроти одбележувањето на 1000 годишнината од Охридската архиепископија.

Од петте точки во колумната на русенскиот митрополит Наум, објавена во бугарскиот весник „24 часа”, две заслужуваат посебно внимание. Притоа ќе ја ставиме настрана воведната напомена дека „Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија никогаш немала намера да се откаже од својата многувековна историја и канонско достоинство, како вистински наследник на Бугарската Охридска архиепископија, независно од политичката коњуктура”. Многу поважна е третата точка во која се вели дека „Бугарските архиереи имаат должност со достоинство да го чуваат својот национален идентитет, па согласно тоа се должни да се држат до каноните на православната црква, недозволувајќи било какви скршнувања од единството на светата соборна и апостолска црква”. Што ќе рече дека за БПЦ-Бугарска патријаршија е многу поважно достоинствено да го сочува својот национален идентитет, отколку да присуствува на прославата во Охрид. И може ли тука да се направи некаква споредба со постапката на Синодот на МПЦ-ОА од БПЦ-БП да побара да и биде „мајка”!? Не може, зашто нашите владици на чело со г.г.Стефан заборавија и на духовниот и на националниот идентитет, отворено ставајќи ги на распродажба.

Уште поважна е последната, петта точка од писанието на русенскиот митрополит, што претставува невидена шлаканица за дедо Стефан и иако е така, габаритен, од неа сигурно долго ќе му зуи во ушите. А, еве што вели таа:„ Во врска со писмото од страна на МИТРОПОЛИТОТ Стефан од Скопје, со кое се бара БПЦ-БП да стане мајка црква на МПЦ, должни сме да појасниме дека во оригиналниот документ од ноември 2017 година јасно е набележано дека „МПЦ-ОА ќе ја препознае и признае БПЦ-БП како мајка црква тогаш кога таа ќе ја признае нејзината автокефалност“, што значи нивната желба не е безусловна„.

Русенскиот митрополит не го именува г.г.Стефан за поглавар и архиепископ на МПЦ-ОА, туку го симнува на негов, митрополитски ранг. Со тоа, автоматски не го признава за архиепископ и поглавар на самостојна помесна црква, туку го сведува на ранг на архиереј на епархија, што е во состав на туѓа помесна црква (се разбира, мисли на бугарската). Зашто, БПЦ во својот состав не може да има архиепископија, туку митрополии или епископии. На тој начин, со именувањето на г.г. Стефан како митрополит, русенскиот митрополи ја сведува Охридската архиепископија на ранг на митрополија. Е, сега дали мисли дека е во состав на БПЦ или на СПЦ не се изјаснува конкретно, но во секој случај ја негира самостојноста и автокефалноста на МПЦ. Со други зборови, на Синодот на МПЦ-ОА му ја одрекува титулата на ранг на архиепископ, индиректно ја понижува МПЦ-ОА, а истовремено го потценува и духовниот живот на македонскиот народ. Па сега, неговото блаженство нека размислува како ќе ги гради мајчинско-ќеркинските односи меѓу МПЦ-ОА и БПЦ. Учи дедо Стефан, учи! Не е срамота, цел живот се прави тоа.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top