Противпожарната бригада на Град Скопје се уште е на терен, и го гаси пожарот во фабриката „Макстил“, кој избил вчеравечер, кога се запалило отпадното старо железо. Од Противпожарната бригада на Скопје, вели дека пријавата за пожарот во „Макстил“ ја добиле вчера во 23.30 часот и дека горело суровинско отпадно железо, кое вработените го подготвувале да го стават во печките на топење.
-Запалени се 500 метри кубни суровинско отпадно железо, кое било помешано со пластика и друг отпад. Ноќеска имавме бројни јавувања од граѓаните, бидејќи чадот се рашири низ градот. Ние пријавата ја добивме во 23.30 часот, а пожарот избувнал неколку часа порано, бидејќи кога стигнавме таму веќе беше распламтен огнот со висока температура, а отпадното железо беше во фаза на топење – велат од Противпожарната бригада.
Противпожарната бригада интервенирала со осум возила, но помош побарале и од ЈП„Водовод и Канализација“ и од ЈП„Комунална Хигиена“, бидејќи имала потреба од дополнителни количини вода.
-Причините допрва ќе се утврдуваат. Луѓето од фабриката велат дека суровинското отпадно железо го подготвувале да го стават во печките на топење и дека тоа се запалило при сечење на поголемите парчиња пред да ги стават во печките. Железото го сечат со оксигенски апарати – велат пожарникарите.
Проценка на штетата и причините за пожарот допрва ќе ги утврдуваат.
Скопјани ноќеска по социјалните мрежи алармираа дека целиот град е покриен со чад во вид на густа магла, дека надвор не се дише и дека чадот штипе на очи и на грло.
Според информациите од Градот Скопје пожарот бил изгаснат и нема повредени. Во гасење на пожарот биле ангажирани 9 возила со 21 пожарникар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.