Изрекувањето на пресудата за акцијата „Расколник“ почна во напната атмосфера, а заврши со аплауз.
Кривичниот суд му пресуди 3 години затвор на Јован Вранипковски и условна осуда за останатите 18 обвинети за перење пари и помагање – сите следбеници, роднини и пријатели на Вранишковски.
– Со оглед на тоа што немаме прекршено ниту еден закон во однос на обвинението за коешто се товариме, сметаме дека тоа е политичка пресуда којашто е однапред донесена, а судот денеска ја прочита – рече обвинетиот Давид Нинов.
Oна што ја поттикна тензијата и сомничавоста кај обвинетите беше тоа што денешното рочиште не почна со пресуда како што беше најавено, туку судијата повикал сведок и денеска ги извести дека предметот се враќа во доказна постапка. Сведокот, кој и во затвор му пратил писмо на Вранишковски, тврдеше дека лично со него договарал продажба на земјиште, но не можеше да каже ниту која година се сретнувал со него.
Расчинетиот владика на МПЦ и останатите обвинети бурно реагираа дека станува збор за лажен сведок кој се носи во судница во последен момент во недостиг од докази против нив. Според нив, судијата ги носел одлуките надвор од судот.
– Не е виновен судијата. Тој игра како што ќе му свират. Јас не се плашам од ништо. Јас се жртвувам за црквата и за народот – рече Вранишковски.
Незадоволството го изрази и адвокатот, кој го повлече полномошното затоа што не сакал да учествува во наместен процес.
Во таква напната атмосфера на кратката пауза, обвинетиот Давид Нинов упати критики за новинарите, наречувајчи ги платеници, и клетви.
– Ако сум јас крив за тоа што ме товарат, јас да умрам. Ако не, вас најмилото да ви умре – рече Нинов.
Потоа надвор во изјавата побара новинарите да не биле суеверни и се повика на извештаите на „Фридом хаус“.
– Да ви укажам, да не бидете суеверни луѓе, туку да ја практикувате дејствително православната вера и да не реагирате на еден суеверен начин којшто не е карактеристичен за христијаните – рече Нинов.
„Фридом хаус“ известува дека најголем дел од новинарите во Македонија се политички назначеници, додаде Нинов.
Со денешната пресуда на Вранишковски му беше укинат притворот. Но, тој има правосилна пресуда од велешкиот суд за злоупотреба на 250 илјади црковни пари на МПЦ. Во овој процес беше обвинет дека со тие пари се обидувале да купат земјиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



