На 26 Април (четврток) со почеток од 18:30 часот, во концертната сала на Музеј „Борис Христов“во Софија ќе се одржи концертот „Вечер на соло песни на Томислав Зографски“. На вечерта посветена на истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски ќе настапат Хелене Ангеловска – мецосопран и Дарко Мариновски – пијано. Настанот е посветен на македонската музика и незаборавните дела на македонскиот композитор.
Хелене Ангеловска ги завршува студиите по соло пеење на реномираниот конзерваториум во Париз во 1990 година во класата на проф. Фусако Кондо. На приватната институција по високи студии – Екол Нормал „Алфред Корто“ од 1993/ 95година студира во класата на проф. Ан Мари Бланза. Се доусовршува и кај професорите Ана-Мариа Миранда и Гијмет Лоранс. Во 1991/92 исто така е студент на катедрата по музикологија на Универзитетот Сорбона во Париз.
Хелене Ангеловска е активен учесник на бројни семинари, мастеркласови како и оперски студија кај реномираните професори меѓу кои Гијмет Лоранс, Ричард Милер, Сузан Грам и др. каде пред се се специјализира за изведба на барокни вокални форми како кантати, миси, ораториуми и опери.
Од 2016 година ја започнува соработката со пијанистот Дарко Мариновски со кого реализира неколку настапи во Скопје (во КИЦ и на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА).
Дарко Мариновски е роден во Скопје 1974 година. Средното музичко образование го завршува во МБУЦ “Илија Николовски Луј” во Скопје. Во 1997 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на реномираниот професор Борис Романов. Магистерските студии ги завршува во 2000 година под менторството на проф. Јасминка Чакар. Од завршувањето на студиите до 2013 година работи како професор по пијано и корепетиција во МБУЦ “Илија Николовски Луј” во Скопје. Учествувал во работилниците по композиција во класите на проф. Илија Пејовски и проф. Томислав Зографски. Од 2009 година е Декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“ Париз-Скопје-Њујорк, која функција ја извршува до денес. Од 2013 година работи како соработник и професор во УГД – Штип.
Дарко Мариновски е автор е на филмска и музика за театар и е уметнички соработник на повеќе истакнати македонски уметници- Борис Трајанов, Весна Гиновска, Запро Запров, Александар Стефановски, Калиопи Букле, Венко Серафимовски и др. Со своите соработници, освен во Република Македонија, има настапувано на реномирани настани во Италија, Франција, САД и т.н.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.