| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓу понудувачите за дијализни центри, „Орка“ и „Д-р Пановски“

dijaliza aparat

Пет компании доставија понуди до Министерството за здравство за огласот со кој се доделува лиценца за вршење дијализа во четири реони низ Македонија.

На јавното отворање на понудите, денеска во Министерство за здравство беше изнесена документацијата на сите пет компании кои се заинтересирани за вршење на оваа дејност во мрежата на здравствени установи. Меѓу компаниите се „Метрополитен Дооел“ од Скопје, која доставила понуда за вршење дијализна дејност во сите четири реони, „АД Д-р Пановски“ од Скопје со понуда за сите четири реони, Друштво за производство, трговија и услуги „Орка холдинг“ со понуда за сите четири реони, „Вита Медикал Диализен центар“ од Тетово со понуда за само вториот реон и „Фрезентиус Медикал Кер“ од Германија со понуда за сите четири реони.
Првиот реон ги опфаќа градовите Крива Паланка, Куманово, Делчево, Кочани, Гевгелија, Струмица и Штип и понудата на сите четири компании кои надаваат за добивање лиценца со која ќе им се овозможи вршење дијализа во овој реон, изнесува 5.600 денари за месечен надомест. Во вториот реон припаѓаат градовите Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево. Понудата на четирите компании изнесува 4.000 денари, додека понудата на „Вита Диализен Центар“ изнесува 800 денари месечен надомест. За третиот реон кој ги опфаќа градовите Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци и Охрид, понудата на четирите понудувачи изнесува 4.000 денари месечен надомест, додека за четвртиот скопски регион, каде што е понудена една лиценца, понудата за месечен надомест на сите четири компании изнесува 800 денари.
Во своите изјави компаниите се обврзуваат дека ќе основаат приватни здравствени установи за извршување на дијализа, дека ќе вработат стручен кадар во редовен работен однос, дека ќе ги имплементираат најновите достигнувања во медицината и дека ќе обезбедат транспорт на пациентите до дијализните центри.
По завршувањето на евалуацијата на понудите од страна на комисијата во Министерството за здравство, ќе бидат избрани најповолните понудувачи кои ќе учествуваат во јавната лицитација за доделување на лиценците.
Министерството за здравство соопшти дека го распишува огласот со цел да се подигне квалитетот и достапноста на дијализата за населението, но и имајќи предвид дека постојните здравствени установи каде има дијализни центри, не го нудат потребното ниво на квалитет, простор, опрема и достапност.
Лиценцата се доделува за период од 20 години, а единствен критериум е највисоко понудената цена за месечен надомест за лиценцата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top