| четврток, 6 декември 2018 |

Со премиера на „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски почнува 21. Скопје филм фестивал

Со премиера на играниот филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“, вечер во 20 часот во кино „Милениум“ ќе биде отворен 21. Скопје филм фестивал.

Повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања, како и филмска ретроспектива на Алфред Хичкок, ќе понуди новото издание на фестивалот кој до 26 април ќе се одрува во „Милениум“, „Фросина“ и Кинотека. Филмовите се распоредени во седум програми: Програма на авторски филм; Панорама на светски филм; Македонска продукција; Фокус на француски филм; Програма на европски филм; Ретроспектива на Хичкок, а од оваа година ќе има и нова програма – Квир фокус.

Новиот филм на Блажевски „Година на мајмунот“ е црна комедија, копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Во главната улога е Игор Ангелов, а во актерската екипа се и: Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија. Главни протагонисти во филмот се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје, и шимпанзото Коко, жител во градината. Филмот е приказна за бегањето на Коко „од ропство во слобода“ поради што Цобе ќе биде отпуштен со ветување дека ќе го вратат на работа доколку го пронајде и донесе назад избеганиот мајмун.

Во рамки на фестивалот ќе има и две работилници – режисерот на „Таксим холдем“, Мајкл Ондер, ќе одржи работилница за снимање нискобуџетен филм утре во Кинотека на Македонија, каде ќе има и средба со продуцентот на филмот, Јосеф Еревчик Амадо. Француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин, пак, на 23 април на Универзитетот ЕФТА ќе одржат работилница: „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“. Во кино „Фросина“ во понеделник ќе биде промовирана книгата „За засрамените геј мажи“. Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.

Програмата со распоред на проекциите е објавена на: www.skopjefilmfestival.com.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top