Со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб Станица 26, утревечер, во организација на 3Гонга концерт ќе одржи македонската група „Темпера“. Во овој скопски бенд кој создава енергична музика и одлично функционира во живо членуваат музичари, кои зад себе имаат сериозен професионален багаж како Мите Димовски на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, Драган Гиновски на гитара и вокалистката со разорен глас, Тања Тас.
„Темпера создава музика полна со енергија и емоции. Песните се создаваат постепено со секој тон, збор, со секој риф, идеја… Тие се дефинираат, вообличуваат од нас како глината под прстите на вајарот. Звукот на нашата музика е рефлексија, сублимат на нашите личности, кои некако се поврзуваат низ неа, прават целина. Целина која е составена од нашата експресија, збир на нашите искуства, интереси… Од латински “темпераре” – значи да се измеша, да се добие „нешто“ од елементи во одредена пропорција или вистинска мерка како вистински сооднос на квалитети кои образуваат, создаваат уникатна целина со сопствен живот, мирис, пулс… како детето, како билките, како ние самите, како светов околу нас… како и се што произлегува од секој од нас. По „Тивка река“ и „Ѕвер“, сега ја промовираме песната „Не застанувај“. Првиот албум е карактеристичен по различноста на стиловите на песните. Такви се и песните кои ќе се најдат на вториот. Тивки сме како „Тивка река“, а енергични како „Ѕвер“. Сите се обоени со нашиот препознатлив звук. Нашиот нов албум е во подготовка и голем дел од него ќе биде отсвирен на нашиот концерт утревечер“ велат членовите на бендот.
Тие ветуваат одлична свирка на која ќе ги отсвират песните од нивниот албум „Играј“, премиерно ќе ја изведат во живо нивната нова песна „Не застанувај“ за која неодамна направија и видео запис, како и песни од нивниот нов албум кој е во подготовка.
Гитаристот и композитор Драган Гиновски Гино од 1998 година, па се до 2011 година беше дел од култниот бенд Архангел и многу музички критичари го прогласија за еден од најдобрите рок гитаристи во земјава. Ѓоле Максимовски е музички активен од средината на 90тите, тој е басист и композитор на албумите на „Тилт“, „Сет“, „Беневентан Трио“, „Мозаик“ и „Кабадајас“. Од 1998 до 2005 година беше член и на „Архангел“. Учесник во снимањето на албумите на “Алшар”, „Мугер Фугер“ и 18 години е дел од „Влатко Стефановски Трио“, со кого заедно имаат остварено успешни соработки со неколку светски реномирани музичари како Јан Акерман, Теодосиј Спасов и Стефан Миленковиќ. Мите Димовски е тапанар, композитор, аранжер и продуцент. Својата музичка кариера ја започнува на свои 12 години во групата „Цилиндер“, како најмлад тапанар во поранешните југословенски простори. Најголемиот дел од својот музички пат го има поминато во групата „Архангел“. Низ својата досегашна 20 годишна кариера има учествувано на преку 400 проекти како продуцент, а покрај многуте музички имиња соработувал и со „Мизар“, „Анастасиа“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски… Вокалистката и текстописец Тања Тас е ликовна уметница по вокација, а својата музичка кариера ја започнала на 16 години како вокал на македонскиот блуз бенд „Wild Bunch“. Континуирано од тогаш учествува во многу музички проекти заедно со „Кисмет“, „Лилит“, Горан Трајкоски Готра, „Аутмајнд“, Игор Атанасовски Харе, „Мугер Фугер“ и проектот „Фем Фатал“ со Александар Ристовски- Принц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.