| четврток, 6 декември 2018 |

„Атрактивната Лисица“ со славната пијанистка Валентина Лисица и Македонската филхармонија

Славната пијанистка Валентина Лисица, која што ја опишуваат како првата „Јутјуб“ - ѕвезда на класичната музика и првиот класичен уметник кој својот успех на интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов

На подиумот на Македонската филхармонија, овој четврток (19 април) во 20 часот, ќе застане една од најпознатите пијанистки на класичната музика денес, импресивната Валентина Лисица од Украина/САД.

Славната пијанистка Валентина Лисица, која што ја опишуваат како првата „Јутјуб“ – ѕвезда на класичната музика и првиот класичен уметник кој својот успех на интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов.

Диригент на концертот насловен „Атрактивната Лисица“ е маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а на програмата оваа вечер е и импресивната свита „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг Симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високо позитивни критики. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

„Бев импресиониран, напати збунет, па дури и изненаден од нејзините жестоки фортисима. Таа, исто така, е и деликатна, чувствителна, флексибилна како изведувач…“ („Вашингтон пост“). Украинската уметница своето музичко образование го започнала во својот роден град Киев во Музичкото училиште за високоталентирани деца „Лисенко“, а го продолжила на тамошниот Конзерваториум. Иако сонувала за кариера како професионален шахист, сепак се одлучила пијаното да биде дел од нејзиниот живот. По имиграцијата во САД, заедно со нејзиниот сопруг почнале да настапуваат како пијано дуо, и тоа резултирало со неколку успеси на пијано-натпревари и со бројни концертни ангажмани. Нејзините неконвенционални настапи потоа се покажале како мошне впечатливи за публиката, а особено нејзините снимки на интернет кои достигнале милионска гледаност. Во сезоната 2017/2018 година, Валентина Лисица реализираше турнеја со Руската државна филхармонија во Велика Британија со концерти во Лондон, Единбург, Кембриџ и Варвик, а настапуваше и како рецитален уметник на турнеја низ Јужна Америка. Постојано е канета да настапува на врвни фестивали на класична музика, а посебен белег ќе остави концертот којшто ќе го одржи следната сезона во чест на кралот на Тајпеј. Нејзините концерти се распродаваат со месеци однапред, а така беше и со нејзиниот настап во „Аудиторио национал“ во Мадрид, каде што заедно со Шпанскиот национален оркестар ги отсвири, во една вечер, сите концерти за пијано и „Рапсодија на тема на Паганини“ од Рахмањинов. Овој настан успеа да ја привлече публиката да остане докрај, а критиката напиша: „Лисица со незапирлива сила емитуваше шармантна музикалност со неверојатна виртуозност… надополнета со фасцинантна физичка издржливост…“ Во 2011 година, таа дебитираше со Симфонискиот оркестар на Бразил и маестро Лорин Мазел, а настапува со престижни симфониски оркестри како што се Чикаго симфонијата, Радио-симфонискиот оркестар на Келн, Филхармонијата на Сеул, Сан Франциско симфонискиот оркестар, Лондонскиот симфониски оркестар, Би-Би-Си оркестарот, „Чајковски“ симфонискиот оркестар, симфониските оркестри на Прага, Хелсинки, Синсинати, Балтимор… со реномирани диригенти како што Пааво Јарви, Владимир Федосеев, Василиј Петренко, Мазел, Кристијан Јарви… Всушност, Лисица го имаше најсилниот меѓународен пробив во 2012 година, по спектакуларниот настап во „Ројал Алберт хол“ пред 8.000 посетители, кога потпиша и ексклузивен договор за издавачката куќа „Дека“. Нејзината дискографија ги содржи концертите на Рахмањинов, како и дела од Шопен, Филип Глас, Лист и Скрјабин, а последното ЦД „Љубовна приказна – пијано-теми од филмската златна ера“ содржи дел од филмската музика од 1920-тите години. Во 2013 година, Лисица дебитираше и со врвната Берлинска филхармонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top