| четврток, 6 декември 2018 |

Успешна ревија на „Лудус“ Модната недела во Љубљана

По вторпат на Љубљанската модна недела, македонската етикета за безродова мода „Лудус“, ја претстави најновата колекција за пролет-лето. На одушевување од публиката и локалните медиуми, ревијата беше една од најпрепознатливите и најпопуларните на пролетното издание на оваа модна недела.

Колекцијата е продолжување на потрагата на авторот Драган Христов во полето на естетиката, пропорциите и воспоставените принципи на дизајн. Златниот број „Ф“ и други математички законитости, се дел од референците на оваа колекција, како и минимализмот во сликарството кај Супрематистите и Конструктивистите од почетокот на минатиот век.

Колекцијата е изработена во неутрални бои, а материјалите се исклучиво стопроцентно пиродни како памук, лен и свила. Кроевите се препознатливи за „Лудус“ и јасно го отсликуваат латинското значење на името на етикетата. Елементот на изненадување е речиси присутен во секое парче од оваа колекција.

„Лудус“ ја продолжува соработката со концептуалната продавница „Пентља“ од Љубљана, каде локалната публика ќе може да ги најде производите на „Лудус“ во текот на целата година. Од 13-ти април, „Лудус“ ќе биде дел од офцијалниот продажен шоурум настан од модната недела заедно со селектирани брендови од Словенија, Хрватска, Унгарија и регионот.

Колекцијата „Ф“ ќе биде дел од изложбата „Дизајн Триптих“ на три македонски брендови во галеријата Акантус во Скопје, што ќе се отвори в сабота, 21-ви април во 12 часот и ќе трае до 27-ми април.

ЛУДУС e модна етикета што произлезе од истоимената концептуална продавница во Скопје. Колекциите на Лудус од Драган Христов (дипломец на академијата за ликовни уметности Брера во Милано) се засновани на елементарните човекови чувства, најчесто меланхолични и тажни. Родово неутралните парчиња од висококвалитетни природни материјали и се изработени во естетски минималстички, монохроматски и склуптурни силуети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top