| четврток, 6 декември 2018 |

„Лудус“ на Љубљанската модна недела

По покана на организаторите на Љубљанската модна недела, „Лудус“, модна етикета на 9-ти ноември ја претстави најновата безродова колекција со наслов „Devoid”.

Најновата колекција на македнонската модна етикета „Лудус“ е продолжение на претходните родово неутрални колекции што и овојпат содржи производи изработени од висококвалитетни стопроцентно природни материјали како памук, мерцеризиран памук и волна и рачни плетенини од волна.

Колекцијата е досега најобемна и најкомплексна и содржи 45 парчиња, а на пистата можеа да се видат 20 целосни излегувања. Колоритот и овојпат беше рестриктиран на црна, бела и неутрално сива боја, кроевите се комплексни и вклучуваат внимателно геометриско проектирање што дава едноставен скулптурен изглед.

По настапот на Љубљанската модна недела, „Лудус“ ќе ја има ексклузивната можност да ја претстави колекцијата во концептуалната продавница „Пентља“ заедно со други селектирани модни брендови од Словенија и регионот.

Веќе следниот викенд истата колекција ќе биде прикажана на комерцијалниот дизајнерски маркет Feschmarkt во Виена, Австрија, а во декември на Weichnachtrodeo во Берлин, Германија.

ЛУДУС e модна етикета основана во 2010-та година како одговор на потребите на клиентите на концептуaлната продавница Лудус. Продавницата беше отворена во 2006-тата и до 2008-та година стана платформа за новиот Македонски моден дизајн, целосно поддржувајќи ги младите дизајнери и етикети. Во моментов, Драган Христов, еден од основачите на Лудус концепт стор е посветен на развојот на модната линија.
Ludus, -i – игра, шега, забава, лудорија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top