| четврток, 6 декември 2018 |

Нови економски односи: ЕУ ги поскапи хрватските продукти во регионот

hrvatskaНајмалку за 10 проценти ќе поскапат хрватските производи во Македонија заради влезот во ЕУ. Ќе поскапат тутунските, млечните и земјоделските производи од Хрватска, но не и македонските на хрватскиот пазар, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини. Појасни дека хрватските производи кои се увезуваат во Македонија ќе бидат предмет на царина и на квота.
– Во индустрискиот  сектор нема да има никакви промени затоа што со ЕУ  веќе имаме целосна либерализација, а со Хрватска тоа го имавме постигнато и во рамките на ЦЕФТА договорот. Промени ќе има во земјоделскиот сектор и тоа би рекол позитивни промени за нашите извозно ориентирани компании затоа што со ЕУ  во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација имаме целосна либерализација која ја  немавме во рамките на ЦЕФТА договорт, рече Сарачини.

Најголемиот дел, односно 30 проценти од вкупниот земјоделски извоз во Хрватска, ќе биде целосно либерализиран и нема да биде предмет на царина или на дополнителни квоти.
– Промени ќе има во делот на извозниците на вино затоа што се зголемува квотата од 6.700 тони на 8.100 тони, како и во делот на тутутнот и тутунските  производи. Од денеска па во иднина нашите компании кои извезуваат  тутун и тутунски производи во Хрватска нема да плаќаат царини, нема да има квоти и извозот ќе биде целосно слободен, нагласи Сарачини.

Тој појасни дека квотата за извоз на вино во Хрватска е договорена заедно со извозниците и оти се очекува во наредниот период да биде и правно регулирана. Квотата со Хрватска нема да влијае на квотата со ЕУ за извоз на околу 400 илјади хектолитри.

– Република Македонија ќе има бенефит од влезот на Хрватска во Европската унија, не само економски гледано туку и политички зашто добиваме вистински пријател кој станува земја челнка на ЕУ што добро ги познава нашите проблеми. Очекуваното 10-процентно зголемување на цените на хрватските производи во Македонија за нас е позитивен сигнал. Хрватските компании ќе се обидат да инвестираат во Македонија и да отворат фирми тука се со цел да ги искористат бенефициите што ги нуди ЦЕФТА договорот и да извезуваат во земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЦЕФТА, посочи Сарачини.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top