| четврток, 6 декември 2018 |

Со новиот закон СЈО нема да може да манипулира со заштитените сведоци

Со усвојување на измените на Законот за заштита на сведоци, Специјалното јавно обвинителство, исто како и секое јавно обвинителство, без разлика дали е скопско, тетовско или кое било друго, може да го користи механизмот за заштитени сведоци, само доколку има аргументи за тоа.

Имено и досега Законот предвидуваше дека надлежен јавен обвинител преку Републичкото јавно обвинителство може да се обрати до Советот за заштита на сведоци и да побара да им биде одобрено барањето за заштитен сведок. Во правната регулатива, СЈО беше определено како надлежно обвинителство за случаи кои произлегуваат од незаконски прислушуваните материјали, така што согласно досегашната рамка Катица Јанева изминатиов период имаше одврзани раце, доколку има основа да побара да се одобри статус на заштитен сведок за одредено лице.

Покрај ваквата можност, засега нема информации дека СЈО врз основа на аргументи побарало и добило одобрение за заштитен сведок во некој од актуелните предмети. Единствено во јавноста останаа да кружат информации за обиди на СЈО да купи или да плати сведоци кои не прифаќале вакви непринципиелни понуди.

Со законските измени единствената новина во однос на претходното законско решение е дека Катица Јанева ќе може директно да се обрати до Советот, наместо да се обраќа до Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски.

Кои се ингеренциите на Советот?

Советот согласно член 6 на Законот е составен од пет члена, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на заедниците.

-Членови на Советот се претставник на Врховниот суд на Република Македонија од редот на судиите, претставник од Јавното обвинителство на Република Македонија од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкциите во Министерството за правда, претставник од Министерството за внатрешни работи и раководителот на Одделението во Министерството за внатрешни работи, се вели во Законот.

Членовите на Советот, односно нивните заменици ги назначува и разрешува функционерот кој раководи со органот што го претставуваат.

Согласно член 9 од Законот, со работата на Советот раководи претседател, а во негово отсуство заменик.

-Претседател на Советот и неговиот заменик се претставници од Врховниот суд на Република Македонија. Советот е надлежен: да донесува одлука за вклучување на лицето во Програмата, да донесува одлука за престанок на Програмата и да донесува одлука за примена на мерката за заштита „промена на идентитет“, се вели во Законот.

Советот работи на затворени седници кои имаат таен карактер. Советот може да одлучува доколку на седницата се присутни најмалку четири члена или нивни заменици. За донесување одлука за вклучување во Програмата, за престанок на мерките за заштита, како и за определување мерка за заштита „промена на идентитет“, потребна е согласност од најмалку четири члена на Советот, додека другите одлуки се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови на Советот.

Значи и во иднина советот е тој кој што треба да „пресече“ дали некој сведок би влегол во програмата на заштита. Останува дилемата која беше целта на кревањето на очекувањата околу измените во Законот за заштита на сведоци изминатиов период и „силењето“ на СЈО?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top