| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденска традиција: Во Тиквешко се закопуваат велигденски јајца крај виновите лози

Во Тиквешко по традиција секоја година за време на Велигденските празници, лозарите закопуваат велигденски јајца крај виновите лози, за бериќет.

Тиквешани ја продолжуваат долгогодишната традиција и за време на велигденските денови закопуваат велигденски јајца крај виновите лози во плантажите за бериќет, а некои, пак, крадат јајца од птиците кањи за здравје.

– Станав рано пред зори и пристапив кон мојот долгогодишен ритуал. Јајцето кое лани го вапцав со трите први во мугрите, а го чував цела година и не се расипа, го закопав во нивата за бериќет. Притоа се помолив за среќа. Да ми ги чува блиските, куќата, нивите. Едно од трите јајца пак што годинава ги вапцав први, догодина исто така според обичаите ќе го закопам во земјата за здравје и радост, вели Рајна Филиповиќ од Росоман.

Притоа ни откри дека за велигденските празници меси и погача со пупчиња во кои става и јајца па потоа им дава на дечиња од пупчињата заедно со велигденски јајца.

Многу други искусни тиквешки домаќинки признаа дека го практикуваат ова секој Велигден. Не е важно, рекоа, кој ден од велигденските празници ќе се закопа јајцето во лозјето или нивата, важно е да се изврши адетот. Така тие продолжуваат да живеат со позитивни мисли.

За разлика од овој стар обичај, за Велигден во Тиквешко исто така се случува да се крадат јајца од гнездата на птиците кањи.

Екологистот Томе Лисичанец, кој важи за голем заштитник на птиците, вели дека поединци ги крадат јајцата од гнездата и на нивно место ставаат велигденски вапцани јајца.

– Тоа го прават бидејќи веруваат дека јајцата од кањите носат здравје. Најчесто своите постапки ги објаснуваат со тоа што нивни блиски се болни па очајно им треба јајце од кања како единствен спас, кажува Лисичанец.

Тој додава дека во гнездата на кањите многу често можат да се забележат и најразлични конци или огледалца за кои не се знае дали тие самите ги донеле или пак несовесни луѓе ги ставиле таму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top