| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсениот сопственик на комуникација.мк порано уредувал затворски весник – како затвореник

boban-nasev

Притворениот сопственик на порталот „комуникација“, Бобан Насев (31), кој се товари за повеќе измами тешки над 20 илјади евра, пред 5 години во штипскиот затвор додека издржувал казна затвор поради слично дело го уредувал весникот „Виножито“, што го издава затворот во Штип.

Во затворот велат дека Насев бил примерен затвореник и успешно го уредувал весникот сѐ до неговото излегување од затворот, па ако се случи тој пак да отиде во нивната средина, планираат повторно да му ја доверат таа функција, пишува „Вест“.

СВР Штип во петокот поднесе кривични пријави за повеќе измами, а истражниот судија му одреди мерка притвор од 30 дена. Насев е осомничен дека за неколку години измамил повеќе граѓани во вкупен износ од 21 илјада евра, но се смета дека се работи за измами тешки двојно повеќе што ги направил и кон други лица кои допрва ги пријавувале измамите. Од општинското јавно обвинителство во Штип соопштуваат дека Насев и порано бил обвинуван за вакви и слични дела и бил осудуван.

Според сегашните кривични пријави, Насев пред оштетените граѓани се претставувал како висок функционер во разни министерства и дека за нивно вработување во државните институции или за добивање социјален стан било потребно да платат за услугата од 2.000 до 10.000 евра.

Парите ги добивал на рати. За да биде убедлив, Насев покажувал разни плакети и сертификати од институции, па дури се претставувал и како припадник на НАТО. Оштетените од Штип, Радовиш и од Скопје кога увиделе дека биле измамени, ги пријавиле случаите. При препознавањето во СВР Штип, секој поединечно го посочиле дека тој ги има измамено.

По приведувањето, Бобан Насев во присуство на свој адвокат одлучил да го користи правото на молчење. Притвор го издржува во прилепскиот затвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top