| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот на Горан Столевски „Види ја ти неа“ освои Гран при на Белградскиот фестивал на документарен и краток филм

Вчера вечер во Домот на младите во Белград, на церемонијата на затворањето на 65. Мартовски Белградскиот фестивал на документарен и краток филм, „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски ја освои Гранд При наградата за најдобар интернационален краткометражен игран филм. Организаторт на фестивалот им ја врачи наградата на продуцентите Кристијан Буровски и Димитар Минов, соопштија од продукцијата „Црна мачка“.

Жирито го опиша филмот како „Силна критика на актуелните политички и психолошки моменти изразена преку бескомпромисен приказ на независната и позитивна хероина, која низ животот чекори одлучно и достоинствено. Ова е прецизно режиран филм и пример за силен, автентичен и впечатлив авторски израз и активен повик за преиспитување на стереотипите при претставување на жената во современиот филм.“

Белградски фестивал на документарен и краток филм, популарниот Мартовски фестивал е најстариот српски филмски фестивал и е еден од најдолговечните еврпски филмски фестивали. Од своето прво издание претставува најважна платформа на која домашните филмски автори може да ги претстават своите документирани, експериментални, анимирани и кратки играни филмови, пред публиката и гостите на фестивалот. Оваа година беа прикажани преку 120 филмови, во натпреварувачката програма и во ревијалниот дел, со прикажување на две светски премиери и премиери на сите српски долгометражни играни филмови.

Да потсетиме „Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Горан Столевски го напиша сценариото за филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот е во продукција на Црна Мачка Продукција а копродукција со Скопје Филм Студио. Истиот беше финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ.

Следната фестивалска дестинација на филмот е на 6.LЕТ’S CEE филмскиот фестивал во Виена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top