| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на македонска музика: Праизведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ од Горан Начевски

Во рамките на 41-ви ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА, во петок, 30 март, на сцената на Македонска опера и балет, (мала сцена), со почеток во 20 часот, ќе се одржи Праизведба на операта „ПОМЕЃУ СОНИШТА И ЛЕТОВИ“ Музика и либрето: Горан Начевски.
Диригент: Иван Еминовиќ, Режисер: Љупка Јовановска, Сценограф: Зоран Николовски, Костимограф: Бранкица Јордановска, Кореограф: Маја Каревски, Светло дизајн: Нино Митевски, Хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска. Улоги: ЅВЕЗДАТА – Александра Лазаревска Василевски, ТАТКОТО – Дејан Стоев, ПАТНИКОТ – Невен Силјановски и ДЕТА – Илин Силјановски, како и членовите на Хорот и оркестарот на Македонската опера и балет.

-Секој од нас е патник. Патниците чекорат напред, или се враќаат назад. Чекаат. Се надеваат. Копнеат. Љубат. Плачат. Се плашат. Сонуваат, барајќи ја својата среќа. Со преполни или празни куфери. Понекогаш нема куфери. Само патникот,сам, со својата ѕвезда која му го осветлува патот. Патникот, ѕвездата и тишината. Приказна без почеток во која е возможно да се сретнеме со оние луѓе, со кои гледањето во нивните очи, прегратката и разговорот со нив посакуваме да траат вечно, бесконечно…во чекалната, обоена со најубави бои и со најубавиот поглед кон градот, морето, цвеќињата, птиците, бродовите…и авионите.

Во либретото секој од нас да ја пронајде својата верзија од приказната. Приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа, кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература. И уште една спротивност, парадокс во изборот на видот на глас кај улогата на Таткото. Родителите секогаш, во оперите се средни или длабоки гласови: алти, мецосопрани, баси или баритони, и затоа, во ова дело, таткото е тенор, кој во еден момент вели дека понекогаш е невозможно да се воспостави граница помеѓу сонот и вистината, минатото и иднината („чекориме ли напред, или се враќаме назад“ – Патникот бара од Ѕвездата да му го осветли и покаже патот на времето…)

Поднаслов на делото е „сценска лирска фантазија“, целта е секој од публиката да донесе свое толкување и заклучок од случувањата во приказната.

Составот е камерен оркестар, камерен хор и солисти: сопран (Ѕвездата), тенор (Таткото) и баритон (Патникот). Режијата вклучува и двајца балетски играчи.

Влезот за претставата е СЛОБОДЕН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top