Следниот месец Кинотека на Македонија продолжува со интересни содржини и активности. Во април гости ќе им бидат Лордан Зафрановиќ и Игор Иванов-Изи.
-Се будам. Бавно станувам. Отворам прозорец, многу е загадено. Го затворам прозорецот. Мрак, нешто што личи на депресија. Се облекувам и веднаш излегувам надвор, одам пеш на работа, на луѓето кои ги знам им велам добар ден, без да ги чујам што ми кажуваат, слушам музика со слушалките во уши и полека се приближувам кон работа. Одеднаш некој ме тапка по рамо. Тоа е дедо Јован. „Добро утро“, му велам. Тој ми враќа: „Добро утро дете, пази се, многу е загадено. Не се дише.“ Ме фаќа паника, со забрзан чекор одам кон работа, почнувам да трчам… Додека трчам, си велам – уште малку, уште малку… Стигнав, влегувам во Кинотека, полесно се дише. Полесно се движам. Издишувам, влегувам да гледам филм и си велам: „Океј, сè ќе биде во ред.“
И месецов ќе биде во ред. Мора, зашто на гости ни доаѓаат Филозофскиот филмски фестивал, БУФ – фестивалот на германски детски филмови, Игор Иванов – Изи, како „уредник со причина“, и Лордан Зафрановиќ, за кој нашиот Наум Пановски (кој исто така ќе нè дружи во април) ќе напише и ќе нè потсети дека: „Лордан Зафрановиќ е денес секако прв меѓу еднаквите од овие балкански простори и без сомнение еден од најзначајните филмски режисери со чии филмови сме растеле и созревале. Неговиот огромен опус, кој трае цели 50 години непомирливо и инспиративно создавање, го оплеменува суптилна естетика, визуелно богатство, беспоштедна критика на сите деструктивни идеологии и општествени злоупотреби, провокативно разбивање на сите табуи што нè ограничуваат, и метафорично поигрување со еросот и танатосот. Бавењето со филм за Лордан Зафрановиќ е пловидба по едно огромно отворено, и често бурно море, каде што тој е во постојана потрага по вистината, слободата и хуманото во човекот. Тој е личност за пример со беспрекорен креативен и човечки интегритет. Токму затоа за мене тој е еден од дваесетте најголеми режисери во светот и еден од последните острови на сеќавање на овие наши простори, ќе напише Бојан Станишиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.