Познатиот чешко-хрватски режисер Лордан Зафрановиќ ќе гостува во Кинотеката на Македонија во рамките на филмскиот циклус „Уредник со причина“, кој годинава почна да се практикува. Овој пат презентацијата на филмовите на Зафрановиќ и неговото гостување се насловени како „Гостин со причина“.
Од 3 до 5 април ќе бидат прикажани четири негови филма, а по завршувањето на последната проекција ќе се одржи и дискусија со режисерот.
Зафрановиќ е познат по филмовите „Окупација во 26 слики“ и „Падот на Италија“ и добитник е на многу награди.
Првиот филм од циклусот „Гостин со причина“, кој ќе биде презентиран на 3 април, е токму „Окупација во 26 слики“, а освен како режисер на овој филм, Зафрановиќ се потпишува и на сценариото заедно со Мирко Ковач, Филип Дејвид и Стипе Гурдулиќ. Ова е еден од најконтроверзните филмови во Југославија и предизвика бурни реакции веднаш по прикажувањето. Зборува за тројца млади луѓе – Хрват, Италијанец и Евреин, кои се најдобри другари во предвоениот Дубровник. Кога нивната држава е окупирана од нацистите и нивните сојузници, идиличниот град станува место на терор и немилосрдни масакри. Пријателите мораат да заземат различни страни во светскиот конфликт. Овој филм влезе во селекцијата на Канскиот филмски фестивал во 1979 година. А на фестивалот во Пула освои награди за најдобар филм, режија и за камерата на Карпо Година. Проекцијата на „Окупација во 26 слики“ во Кинотеката на Македонија ќе започне во 19 часот на 3 април. На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ, и тоа „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ со почеток во 20 часот.
Филмот „Недела“ раскажува за група млади луѓе кои цел ден лудуваат по улиците на едно јадранско пристаниште, водат љубов, се задеваат, јадат и пијат, за на крај да украдат еден автобус и во еуфоријата на нивната деструктивност се фрлаат со истиот во морето што во манир на надреализмот симболизира воскреснување. „Падот на Италија“ раскажува за партизански командир кој мора да го застрела својот другар војник. Ова се случува бидејќи тој се откажал од борбата и се предал на живот полн со грев и страсти. Меѓутоа, со капитулацијата на Италија во септември 1943, војната се чини завршена за многу војници, а меѓу нив е и командирот. Овој филм ја доби наградата „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула во 1981 година.
На последниот ден од циклусот „Гостин со причина“ на 5 април со почеток во 19:30 часот ќе биде прикажан „Вечерни ѕвона“, во кој главните улоги ги играат Раде Шербеџија, Петар Бозовиќ, Миодраг Кривокапиќ и Петре Прличко. Филмот е базиран на романот Врата од утробата на Мирко Ковач – роман кој во 1978 година го добива најпрестижното литературно признание во Југославија – Наградата на НИН од критиката. Мирко Ковач и Лордан Зафрановиќ соработуваат на „воената трилогијата“ што ја сочинуваат „Окупација во 26 слики“, „Падот на Италија“, „Вечерни ѕвона“.
По проекцијата на 5 април филмот следува разговор со Лордан Зафрановиќ, а дискусијата ќе ја модерира проф. д-р Наум Пановски.
За Зафрановиќ Пановски ќе напише и ќе нè потсети дека: „Лордан Зафрановиќ е денес секако прв меѓу еднаквите од овие балкански простори и без сомнение еден од најзначајните филмски режисери со чии филмови сме растеле и созревале. Неговиот огромен опус, кој трае цели 50 години непомирливо и инспиративно создавање, го оплеменува суптилна естетика, визуелно богатство, беспоштедна критика на сите деструктивни идеологии и општествени злоупотреби, провокативно разбивање на сите табуи што нe ограничуваат, и метафорично поигрување со еросот и танатосот. Бавењето со филм за Лордан Зафрановиќ е пловидба по едно огромно отворено, и често бурно море, каде што тој е во постојана потрага по вистината, слободата и хуманото во човекот. Тој е личност за пример со беспрекорен креативен и човечки интегритет. Токму затоа за мене тој е еден од дваесетте најголеми режисери во светот и еден од последните острови на сеќавање на овие наши простори.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.