| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Економски силна Македонија ни е потребна колку и НАТО и ЕУ

Премиерот Груевски во вториот дел од интервјуто за „Дневник“ признава дека ако пред неколку години му биле споменати сегашните економски резултати, ќе бил незадоволен. Но, со оглед на светската криза, смета дека Македонија сосема добро се држи. Кога кон тоа ќе се додаде и импресивната листа на инвестиции, што тој првпат јавно ги кажува, а кои се започнати, одобрени или ги очекува, смета дека има сосема сериозна основа да тврди дека државата на економски план се движи во добра насока.

Како ја оценувате моменталната економска ситуација? Јавноста Ве доживуваше, пред сe, како економска Влада, т.е. Влада посветена на економијата, а сега впечатоците како да се измешани.

– Прво, во првиот квартал оваа година економијата заврши со раст од 2,9 отсто. Значи, безмалку 3 отсто раст. Ако ме прашавте во 2007 и во 2008, сам ќе ви кажев дека тоа не е доволно. Тогаш немаше светска економска криза, ниту европска должничка криза и економијата во Европа и секаде во светот одеше одлично. Денес ви велам дека сум задоволен затоа што сме во услови кога Европа сж уште ја тресат европската должничка криза и рецесиите, па така речиси 3 отсто раст е резултат за почит.

Второ, стапката на невработеност од 29,9 е висока. Но, ако земеме предвид дека наследивме стапка од 38 отсто од 2005 година и поминувајќи низ кризата, која сж уште трае, дојдовме до 29,9, можам да си дозволам да кажам дека намалувањето на невработеноста во едни вакви околности оди добро.

Значи, мојот одговор на вашето прашање е, ако се земат околностите во ова време и во опкружувањето, би рекол дека економијата се движи релативно добро. Порано го мразев зборот стабилно кога стануваше збор за македонската економија, но дојде такво време во Европа и во светот кога да останеш стабилен стана предизвик.

 

Има ли на повидок некои нови инвестиции наскоро? Ќе кажете има, но тоа се најави, сепак, можеме ли нешто да конкретизираме?

 

– Кога веќе ме прашувате за конкретни потенцијални инвеститори, да потсетам дека не можам да објавувам имиња на компаниите додека тие не одлучат да ја објават инвестицијата. Тоа е старо деловно правило во оваа работа. Но можам да дадам опис на она што ни е најавено, без да ја прецизирам компанијата.

Во март оваа година објавив дека еден германски гигант нe извести дека неофицијално веќе го избрале Велес како место каде што ќе ја реализираат својата следна инвестиција од областа на електрониката во автомобилскиот сектор и ќе вработат 600 лица во период од три години. Во меѓувреме тие не известија дека донеле и одлука на бордот, што значи сега одлуката е формална. Не знам кога планираат да ја објават за јавноста, но начелно ни најавија дека градбата на фабриката би ја почнале на почетокот од следната година, што значи за 7-8 месеци од сега. Дај боже се да продолжи како досега.

Втора најавена инвестиција ни е исто така од германски гигант во областа на информатиката, поточно давање консалтинг-услуги од ИТ на големи клиенти. Тие најавија најмалку 1.100 вработувања, главно со високо образование од различни профили. Одлучија да изнајмат простор, а подоцна да изградат објект во Скопје. Значи, ќе ангажираат економисти, хемичари, биолози и други главно технички струки и од природните науки и ќе вршат обука и тренинзи за оние работи од ИТ за кои ќе има потреба.

Трета е француска компанија од индустријата за автомобилски делови, која не извести дека одлучи да инвестира во Македонија и да вработи околу 450, а би почнале со 250 вработувања. Се уште немаат одлучено во кој град или општина ќе инвестираат, а најавија дека до крајот на годината би започнале активности за градба на фабрика. Би произведувале пластично-метални компоненти и би им продавале на некои од глобалните компании од автомобилската индустрија, кои веќе изградија фабрики кај нас, но и голем дел би извезувале. Компанијата има свои фабрики на три континенти, а отворањето на оваа фабрика е преселување на една од нивните фабрики во Северна Африка од каде што сакаат да се повлечат поради политичката нестабилност.

Четвртиот, прилично сигурен инвеститор, е една регионална компанија од областа на индустријата на градежни материјали, која, најверојатно, ќе инвестира во ТИРЗ „Штип“ и ќе вработи 80 луѓе.

Петтата е исто така регионална компанија од електронската индустрија, но продава производи во целиот свет. Нивниот план е да почнат од октомври-ноември со 50-ина вработувања, а за три години да стигнат до 300 вработувања, со потенцијал и за повеќе.

Шестата во најава е американска компанија од областа на автомобилски делови, која најави намера за инвестирање во Македонија. Претставници од таму беа на неколку локации, во Охрид, Кочани,Тетово и на други места во внатрешноста на Македонија, но сж уште ни немаат кажано точно каде би инвестирале. Би вработиле околу 800 луѓе за период од три години, а би почнале во првата половина на идната година.

 

Дали има и други што веќе ви соопштиле дека одлучиле да инвестираат кај нас?

 

– Да, има. Еден американска светска компанија, која има годишен обрт од 2 милијарди долари, ни најави инвестиција во Кичево, најпрвин во постоен објект, а потоа префрлање во слободата зона. Тие се од индустријата на автомобилските делови и нивниот сегашен план е да вработат 700 луѓе во период од две до три години, а во последниот квартал на оваа година најавија дека ќе почнат да адаптираат објект и да почнат со вработувања.

Има и други што имаат интерес. На пример, иако сж уште немаме потврда, засега имаме позитивни индикации од две  швајцарски компании за производство на опрема за обновлива енергија. Засега намерата им е и на двете, ако донесат финална одлука да инвестираат кај Струга, да вработат по 100-ина луѓе.

Една друга компанија од САД исто така планира градба на капацитет за делови на автомобили и вработување на 300 до 350 луѓе. Тие имаат и други дивизии, па можеби, ако сж оди добро, со оваа дивизија ќе привлечеме уште една. Една од тие дивизии е за авионски делови. Ќе направиме напори да ја убедиме да дојде.

Уште една американска компанија од индустријата на електронски делови во автомобилската индустрија најави инвестиција, но нема одредено во која општина ќе биде локацијата.

Постојат и други комбинации. На пример, една туниска компанија за кабли на автомобили сака да стационира производство со 100 вработени, веројатно, во околината на Кавадарци, со цел да ги снабдува „Дракселмајер“ во Кавадарци и „Кромберг“ и „Шуберт“ од Битола.

Освен ова, во Демир Хисар кон крајот на годината компанијата „Гришко“ од Русија, која веќе отвори погон со 80 вработени во село Слепче, Демирхисарско, планира втор погон кон крајот на годинава каде што во период од 2 до 3 години ќе вработи околу 200 луѓе. Истата компанија веќе соработува со други постојни фабрики во Штип, за чевли и за облека. Тие веќе произведуваат за нив и ќе продолжат тоа да го прават и по отворањето на новата фабрика во Демир Хисар.

Во период сме кога се најавува драстично поскапување на храната на светско ниво. Нас од тоа може да нж спаси само поголемо производство. Има ли интерес кај странците за инвестирање во оваа област?

– Има поголем број заинтересирани. Но, би одвоил неколку. Една е за „Џумајлија“ и набргу се надевам дека ќе можам да објавам добра вест за влез на позната компанија од голема азиска земја, на која и посветивме големо внимание при нашите роуд-шоуа. Ако сж биде во ред, таму планот на инвеститорот е во период од три години да вработи околу 2.000 луѓе и да инвестира околу 200 милиони евра и да инсталира производство со кое би го покривал целиот европски и блискоисточен пазар.

Има уште четири големи компании, кои сакаат да направат големи инвестиции во земјоделството. Едната е холандска компанија, а втората е унгарска, шпанска и турска. Сепак, со овие три компании сме во фаза на преговори, не сме во финиш и не можам да ги кажам како сигурни. Сите четири бараат големи парцели земјиште и не е лесно да се обезбеди. Во голема мера дали тие ќе инвестираат, ќе зависи од министерот за земјоделство во смисла ако тој обезбеди соодветни парцели земја за обработка. Холандската компанија бара 800 хектари земја каде што има термална вода, од кои 240 би биле со оранжерии и со пристап до термална вода. Инвеститорот од Шпанија бара 300 хектари, од кои околу 100 би биле под оранжерии. Унгарците бараат 10 илјади хектари, тоа е многу, но тие бараат земја со послаб квалитет и може да е расцепкана на повеќе делови, а турскиот инвеститор бара околу 2.500 хектари, но да не се разделени на повеќе од три локации, а и тие да се блиску. Компанија од Дубаи покажа интерес за откупен центар во Ресен и за тоа на потег е министерот за земјоделство.

Дали има интерес за вложување во други индустрии?

– Да, има една компанија од регионот од областа на металната индустрија. Не информираа дека донесоа одлука за инвестиција на отворено во Криволак каде што ќе вршат тестирања на соединување на металите со помош на експлозив. Ќе има околу 30-ина директни вработувања, но ќе има индиректни вработувања затоа што репроматеријалите ќе бидат од домашни компании и плус ќе имаат логистички услуги.

Од кое роуд-шоу досега имате најголем одѕив?

– Ако под одѕив подразбирате компании што по роуд-шоуто доаѓаат во Македонија или на кој било начин ја продолжуваат комуникацијата, би рекол дека има повеќе примери каде што одѕивот е доволно голем за да се одвојат од другите. Несомнено досега тоа се Америка, Германија, Турција и Индија.

Планирате ли отворање нови амбасади?

– Да. Токио, Астана-Казахстан, Бразил и веројатно во Абу Даби со Дубаи. Сите се избрани со цел развој на економските односи. Слабо сме застапени во Африка, мора и за тоа да се размислува во иднина.

Ги користат ли нашите бизнисмени услугите на амбасадорите и на промоторите?

– Да, ама малку и ретко. Штета. Тоа е друга мака. Ние ќе отвораме нови амбасади во нови дестинации, ама ако бизнис-секторот не нж следи, во смисла да бара услуги од нив за извозни зделки и слично, тогаш успехот нема да е според планираниот. Владее некоја апатичност, локална ориентираност, веројатно и недостиг на самодоверба и на енергија кај многу наши бизнисмени. Како да се задоволуваат со малку. Чест на исклучоците, имаме и такви што се многу агресивни и упорни, но, за жал, не се многу.

До каде сте со 1.600 вработувања во администрацијата и од каде една ваква идеја кај десничарска влада?

– Македонија е земја во која има многу невработени во повеќе ранливи групи и тие луѓе тешко доаѓаат до вработување. Никогаш досега во Македонија не се отворил конкурс на кој предност при вработување би се дало на најзагрозените од оние што долгорочно се невработени над 10 години, на оние што немаат ниту еден вработен од семејство. Во минатото СДСМ ветуваше дека од секое семејство ќе вработи по еден, но од тоа ништо.

Не сметам дека ваквиот начин на вработување треба да стане принцип и да го засени вработувањето според квалитетот ниту, пак, имам илузии дека со овие 1.600 вработувања ќе им помогнеме на сите од овие категории. Што е најважно, оваа мерка не е ни наше изборно ветување и многу внимававме да не ја објавиме и да не ја започнеме пред избори, па да се сфати како предизборен маркетинг. Сепак, мислам дека барем еднаш државата треба да се сети и да им помогне на најзагрозените.

Имате ли притисоци, ургенции, лобирања за овие вработувања?

– Би бил неискрен да кажам дека нема. Но, како на седница на Владата така и на последната седница на партискиот ЦК, каде што беа собрани повеќето од нашите функционери, дадов јасно до знаење дека не смее да се случи и нема да дозволам некој да си поигрува со судбината на овие категории лица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top