| четврток, 6 декември 2018 |

„Види ја ти неа“ во опасно добри филмови на фестивал во Виена

Победникот на „Санденс“, краткометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски ќе се натпреварува во програмата 6. LET’S CEE Филмски Фестивал во Виена.

„Опасно добри филмови“ е мотото на Фестивалот во чиј фокус на овогодинешното издание ќе бидат филмови од Централна и Источна Европа, Турција, како и регионот Кавказ. Помеѓу 13 и 22 април оваа година, околу 155 играни, документарни и кратки филмови ќе бидат прикажани во пет различни кино сали во Виена.

Филмот ќе има 2 проекции за време на Фестивалот, на 19-ти и 22-ри април.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Горан Столевски го напиша сценариото за филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот е во продукција на Црна Мачка Продукција, во копродукција со Скопје Филм Студио, а беше финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ.

Фестивалскиот живот на филмот продолжува во натрпеварувачките програми на 23.Vilnius Film Festival, Kino Pavasaris со проекција на 29-ти март и Мартовски фестивал – 65.Белградски фестивал на документанрен и краток филм со проекција на 30-ти март.

Од февруари оваа година официјален интернационален дистрибутер на „Види ја ти неа“ е Премиум филмс од Франција. Специјалност на компанијата е интернационалната продажба на кратки филмови. Дистрибутери се на правата на повеќе од 800 наслови ( краткометражни и долгометражни) меѓу кои добитници на Оскар и Златна Палме и дела на реномирани режисери како Тери Гилијам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top