| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска премиера „Бикини Мун“ на Манчевски: Повеќе сакам да пишувам отколку да режирам

- Пишувањето многу повеќе го сакам од неколку причини. За мене пишувањето е многу покреативно. Кога режираш, цело време си старател, се грижиш тоа добро да се доведе во ред. Да не се зезне во режија, да не има погрешен кастинг... И сето тоа е практично. Кога пишуваш можеш од нула да почнеш - објаснува Манчевски

В четврток, на 22 март, со почеток во 20 часот, во скопското кино „Милениум“ е закажана македонската премиера на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Филмот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот. Пред проекциите на „Бикини Мун“ во „Милениум“ ќе се прикажува и петминутниот експериментален филм на Манчевски „Крајот на времето“.

Пред македонската премиера, режисерот Манчевски, заедно со дел од екипата денеска имаше средба со новинарите на која го претставија новиот филм.

„Бикини Мун“ е модерна мрачна бајка која говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана. Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

– „Бикини Мун“ е една современа трагедија. Замислете си да сте жена која била војник, а сега живее на улица во Њујорк, како бездомник. Одземена и е ќерката, бидејќи е ментално нестабилна и нејзиниот поглед на стварноста е одлична порта во испитувањето на она што не интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајов документарниот филм, ја негуваат вистината за која известуваат – објаснува режисерот Манчевски.

Тој признава дека пишувањето го сака повеќе од режијата.

– Пишувањето многу повеќе го сакам од неколку причини. За мене пишувањето е многу покреативно. Кога режираш, цело време си старател, се грижиш тоа добро да се доведе во ред. Да не се зезне во режија, да не има погрешен кастинг… И сето тоа е практично. Кога пишуваш можеш од нула да почнеш – објаснува Манчевски.

Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски.

– Јас и Милчо почнавме да работиме заедно уште на неговиот прв филм, „Пред дождот“ и преку работата на тој филм воспоставивме одлична конекција која се уште трае – рече Манс. На констатацијата дека толку добро се познаваат Манчевски и Манс и оти Британецот го знае секое ќоше во нашата земја, Манс одговори дипломатски дека добро ја познава Македонија.

Композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска вели дека имал интересна задача, во најмала рака.

– Секој филм има свој предизвик во однос на тоа како се работи музиката, односно што е соодветно. Ви случајов, имав интересна задача, во најамала рака. Корисевме повеќе медиуми, повеќе начини како да ја „протнеме“ музиката во филмот. Како и секој друг филм што сум го работел за Милчо, ова беше голем предизвик – изјави Василев.

Македонија е прва земја која ќе го има „Бикини Мун“ во редовна проекција.

– Инсистирав прво тука да почне прикажувањето на филмот. Другите земји имаат малку посложен процес на договорање – рече  Манчевски.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин.

– Директорот на фотографија што го планиравме за овој филм не беше слободен тој ден кога го побаравме, кога снимавме еден мал дел. Тогаш се појави Џошуа и многу убаво го сними тоа што требаше, на еден лесен, лефтерен начин. Добив брилијантна слика и решив да го ангажирам за филмот – објасни Манчевски за соработката со директорот на фотографијата не криејќи дека ако има можност, повторно би работел со него.

Кастингот за филмот траел долго.

– Бикини е прилично тешка улога, бидејќи ја има скоро во секоја сцена и игра човек со ментална болест. Филмот е сниман од позиција на лажен документарец, што значи дека е уште потешко. Кастингот за актерите траеше неколку месеци и поминаа неколку стотини глумци. Јас барав глумци кои имаат занает. Имаше повеќе круга на елиминација, го стеснувавме изборот. И на првото снимање Кондола глумеше жена со ментални проблеми на еден толку уверлив начин, што мене ми беше непријатно да ја ангажирам. Мислев дека навистина има ментални проблеми. Улогата не беше напишана за Афроамериканка, но потоа тоа го дотеравме во сценариото. Таа веќе е ѕвезда во подем со три  номинации за  бродвејската награда „Тони“ – вели Манчевски.

Во меѓувреме, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера беше на фестивалот во Сао Паоло, Бразил, а американската на познатиот фестивал „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија. Неодамна, на 38-от меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито. Филмот беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, филмскиот фестивал „Менхетн“ (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај.

фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top