| четврток, 6 декември 2018 |

Роналдо има необичен и интересен облог со своите соиграчи во врска со Меси

Кристијано Роналдо продолжи во неверојатниот голгетерски ритам и на мечот со Џирона и постигна дури четири погодоци во уверливата победа на Реал Мадрид од 6:3, а оваа партија на Португалецот посебно ја истакнуваа светските медиуми и поради фактот што ѕвездата на Реал по јубилеен и нестварен 50-ти пат во својата кариера постигна најмалку три гола на еден натпревар.

Ваквиот учинок на Роналдо звучи навистина неверојатно, а уште поневеројатна делува серијата во која влезе во последно време, бидејќи на последните осум натпревари постигна фасцинантни 17 голови со кои буквално ги натера критичарите да заборават на неговиот катастрофален старт на сезоната кога едноставно не можеше да постигне гол во Примера.

Страшната форма во која влезе Португалецот беше повод угледната емисија „Ел Трансистор“ на радиото „Онда Серо“ да открие интересна вест поврзана за најдобриот играч на Реал, која потекнува од почетокот на сезоната во Ла Лига. Имено, Роналдо се обложил со дел од соиграчите од Реал Мадрид дека ќе биде најдобар стрелец на крајот од сезоната, или поточно подал рака за кладба во ситуација кога имаше негатива од 12:1 во однос на Меси кој фуриозно го стартуваше шампионатот. Инсајдерската информација на „Онда Серо“ ја потврди и доброинформираната „Марка“, а иако не се знае во што точно се обложил Кристијано со своите колеги, јасно е дека неговиот тип сега е далеку поостварлив.

По крајот на 29-то коло, Роналдо ја намали негативата и има само три гола помалку од Меси, па сега во битката за „Пичичи“ трофејот предноста на Лео е од 25:22 на точно девет натпревари до крајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top