В среда, на 21 март во 20 часот на Светскиот ден на театарот премиерно ќе биде прикажана претставата „Еднаш свет изградив“ по текст и режија на Јане Спасиќ на сцената на Театарот за деца и младинци (ТДМ). Претставата е за младинци, а долната граница за гледачите е 15-16 години.
Ова е прва премиера на младинската сцена на ТДМ по пауза од скоро три години. Претходно, на младинската сцена на ТДМ се играа „Нашиот клас“, „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“ и „Животинска фарма“. Младинската сцена е во мирување, а со оваа премиера од ТДМ се надеваат дека повторно ќе ја возобноват и среда ќе стане ден кога во ТДМ ќе се играат младински претстави.
Текстот „Еднаш свет изградив“ е пишуван по мотиви на романот „Сидарта“ од Херман Хесе. Претставата е работена низ заеднички, експериментален процес заедно со актерите од Театарот за деца и младинци – Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и младиот гостин Михаел Стојановски кој има само девет години.
Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.
– Драго ми е што после неколку години во „Театарот за деца и младинци“ се поставува претстава која е наменета за младинската и возрасната публика. Претставата како форма на нарација и театарска игра е динамична при што двете главни приказни постојано се преплетуваат. Се надевам дека оваа сценска динамика ќе и биде блиска и предизвикувачка за современата публика – изјави денеска на прес-конфренцијата авторот и режисер на претставата, Јане Спасиќ.
Преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат после долги години Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки.
Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени? – се прашањата кои ги поставува режисерот и авторот Спасиќ во претставата.
– Многу е важно да се каже дека ова не е „Сидарта“ на Херман Хесе. Но, претставата отвора егзисетенцијални прашања што ги содржи оваа филозофска книга. Ова не е претстава која се вклучуваат само сетилата за вид и слух, ова е претстава во која треба да се вклучи и мозок – вели искусниот актер Драган Довлев, кој во претставата го игра ликот на таткото.
Според Довлев, кој порано ја вршеше фукнцијата директор на ТДМ, многу е важно Театарот, кој е национална и јавна установа да го штити јавниот интерес.
– Се додека во Театарот постои едно актерско јадро, актерска критична маса којашто е подготвена да ја брани младинската сцена, па дури и по цена на сопствените актерски кариери и се додека на чело на ТДМ имаме човек кој нема никакви дилеми дека младинската сцена е исправниот правец по која треба да се движиме, таа некоја иднина на некои други, идни актери кои ќе работат во нашиот театар е загарантирана – вели Довлев.
ТДМ планира во иднината на репертоарот да бидат вратени претходните три младински претстави. Според директорката Катерина Илиевска-Силјановска, од технички причини и, како што рече, набиена агенда, нив сега ги нема во понудата на театарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Театар за деца и младинци ќе го прави првиот македонски мјузикл за деца
-
Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци
-
Театар за деца и младинци ја подготвува претставата „Сонот на Вилијам“ посветена на Иван Ивановски (фотогалерија)
-
Стотта изведба на „Цветната улица” на Театарот за деца и младинци