Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) со цел да обезбеди доволно лекови за осигурениците одлучи да ги зголеми квотите за овој месец во износ од 15 милиони денари кои ќе бидат линеарно распределени по аптека, рече денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ Ден Дончев.
– Оваа мерка стапува на сила веднаш и сметаме дека во секој случај ќе придонесе за намалување на недостигот од лекови кој се создаде во првите 15 дена од месецов. Фондот презема итни, краткорочни и долгорочни мерски за обезбедување лекови на рецепт за осигурениците, истакна Дончев.
Осврнувајќи се на краткорочните мерки кои ќе бидат преземени, посочи дека годинава е предвиден вкупен буџет за лекови во износ од 2,85 милијарди денари, кој е за 100 милиони денари поголем од буџетот од минатата година. Меѓу мерките кои ги наброја се ревизија на Правилникот и методологијата на распределба на финансиските средства – квотите и надоместоците на аптеките, промена на месецот/терминот за порамнување на квотите во посоодветен годишен период односно месеци, нова поправична и поефикасна распределба на квотите на аптеките и поефикасен систем за нивни надоместоци.
Во долгорочните мерки што ги најави, рече дека се предвидува разгледување на можностите за воведување интегриран и ефикасен електронски систем преку вклучување на сите институции и здравствени установи и работници од здравствениот систем со воведување електронско здравствено досие по пациент (EHR – electronic health record), односно здравствениот систем, матичните лекари, аптеки, ПЗУ, ФЗОМ, Министерството за здравство да бидат интегрирани во една централизирана дата база која ќе дава увид во реално време за многу податоци, а во овој случај за бројот на издадени рецепти од матичен лекар и бројот на подигнати рецепти од пациент.
– Бидејќи контролата би била целосна и во реално време се поставува прашањето дали системот на квоти и ограничување е воопшто потребен. Во западно-европските земји системот на квоти не постои бидејќи секој граѓанин кој добива рецепт за лекови на позитивна листа има право да ги подигне во која било аптека и не станува збор за ограничувања. Воведувањето на EHR е еден од клучните приоритети. Ова ќе трае две до три години, но веруваме дека воведувањето на овој систем ќе ги постави темелите на менаџирање на македонското здравство на еден модерен начин, рече Дончев. Според него, единствен начин да бидат сигурни дека нема можни злоупотреби е интегриран информациски здравствен систем, а во меѓувреме системот дава одредена мотивација за евентуално несовесна аптека да продава што поголем број ниско вредносни лекови, а да избегнува поскапи лекови со цел да ја искористи квотата.
Одговарајќи на новинарско прашање нагласи дека мерката е наменета за да биде преброден овој месец со поголема квота со цел осигурениците да имаат пристап со неопходните лекови. Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека преземаат мерки со цел порамнувањето во иднина да не биде во март кога има поголема потреба за лекови, туку да биде во месецот кога ќе можеме да имаме поголема комоција да направиме измени. Тој рече дека првпат годинава и наназад три години немало ваква ситуација со недостиг од лекови и да нема квоти. Според него, причината за тоа е веројатно сезоната на грип, зголемениот број респираторни заболувања, хроничните заболувања, зголемената побарувачка на лекови, препишувачките навики на лекарите…
Дончев додаде дека достапноста на квалитетни лекови за сите осигуреници во Македонија е континуирана заложба на Фондот за здравствено осигурување. Директорката на Секторот фармација во Фондот, Кристина Христова рече дека аптека која нема исполнето квота, а го нема лекот е должна веднаш да го нарача лекот кој му е потребен на осигуреникот. Појасни дека ако осигурениците имаат проблем во аптека треба да го информираат Фондот за да знаат каде навремено да реагираат.
– Како Фонд согледуваме дека во недоволни количини се издаваат лекови кои се без доплата, значи лекови за кои осигурениците немаат обврска да доплаќаат одреден дополнителен износ на сметка на разликата во цената. Тоа значи дека Фондот субвенционира 100 проценти од цената на лекови. За жал констатиравме дека тој број на реализирани рецепти за лекови без доплата е на едно минимално ниво. Апелот до осигурениците е во секоја аптека кога ќе влезат да побараат информации за тоа кои лекови им следуваат без доплата на товар на Фондот, додаде Христова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.