| четврток, 6 декември 2018 |

Здравство – македонскиот Титаник

Прим. д-р Оливер Зафировски, специјалист педијатар пулмоалерголог

Ако развојот и квалитетот на животот во една земја се оценува преку неколку сегменти, еден од најбитните е достапноста на здравствената заштита како и квалитетот на здравствените услуги. Она што се случуваше последната година, никого не остави рамнодушен е високата неонатална смртност во породилиштата во повеќе градови во Р. Македонија. Тоа допринесе да Македонија го заземе второто место во Европа, а се најде и на 105 место во светот со средна стапка на неонатална смртност од 8,3 на 1000 новородени деца. Пред нас се многу афрички и азиски земји, додека пак кај сите земји од регионот има помала стапка на неонатална смртност. Како пример пак Словенија е меѓу првите 5 земји во светот со најниска неонатална смртност.

Неонаталната смртност директно ја покажува ефикасноста на здравствениот систем на една земја, како и социјалната благосостојба, сиромаштијата, развиеноста и квалитетот на животната средина.

Последните десет години се инвестираше во реновирање како и изградба на нови здравстеви објекти-болници и клиники, опремување со најсофистицирана медицинска опрема при што беа опфатени скоро сите педијатриски установи и породилишта. Секако, можеби она што е најбитно и најскапо е инвестицијата во човечки ресурси, однодносно едукација на медицинскиот персонал. Но, тоа беше недоволно и затоа допринесе голем број на млади лекари да ја напуштат земјата и да заминат во многу европски земји. Во последно време се поголем бројот на искусни и врвни наши лекари кои заминуваат во Европа и Америка, незадоволни од здравтвениот систем, како и здравствената политика во Р. Македонија. Причина за ваквата состојба во здравството е долгото чекање за вработување и добивање на специјализација, како и ниските примања на здравствените работници.

Ако посетиме некои од медицинските центри во Европа, ќе најдеме барем неколку лекари од Македонија коишто се високо ценети по својата стручност и професионалност. Затоа најсериозно треба да се размислува како тие стручњаци од областа на здравството да останат во Р. Македонија и допринесуваат за развојот на македонскиот здравствен систем. Како пример за ова, е тоа што за најдобар лекар во Хрватска е прогласен македонскиот хирург д-р Дарко Костов од Кочани кој завршил Медицински факултет во Скопје и специјализирал во Македонија и заминал во Хрватска, а сега работи во болница во Дубровник. Покрај овој пример има и многу други истакнати стручњаци од Македонија што работат во клинички центри во Словенија, Германија, Австрија, а во последно време се повеќе заминуваат во скандинавските земји.

Во колку сакаме да го подобриме здравствениот систем во Р. Македонија треба сериозно да се посветиме на едукација на младите лекари кои би биле претставници на новото македонско здравство, како и враќање на веќе докажаните стручњаци од еминентните европски центри да допринесат за развојот и будењето на летаргичното и апатично македонско здравство. Тоа ќе допринесе за видливо намалување на неонаталната смртност кај новородени деца, како и подобрувањето на квалитетот на животот на лица со ретки болести.

Време за губење нема, под итно да се започне со прифаќање на европски концепт на наградуване според учинок и квалитет.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top